Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска и утре учествува на Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан што во организација на словенечкото Претседателство со ЕУ се одржува во Брдо кај Крањ во Република Словенија. Форумот има за цел да поттикне дискусија на теми од областите внатрешни работи и правда, од поглавјата 23 и 24 од скринингот за предпристапниот процес за членство во Унијата.
Притоа, министерот Спасовски, во текот на трите работни сесии посветени на миграцијата, борбата против тероризмот и справувањето со организираниот криминал, ги презентираше стратешките цели и активности на нашата земја од сферата на безбедноста и спроведувањето на законите.
Така, во рамки на сесијата за миграција, азил и надворешни граници, министерот Спасовски меѓу другото, потенцираше дека покрај натамошното развивање на националниот систем за интегрирано гранично управување согласно ЕУ концептите и стандардите во сите облици на гранично работење, продолжува интензивната соработка со ЕУ агенциите Frontex – EBCGA и Europol, и тоа во сите оперативни, практични домени, почнувајќи од конкретно оперативно делување и соработка, ситуациска свесност, развој и истражување, па сѐ до обуки и стручно-техничка едукација.
„Основен предуслов за успешно справување со овој предизвик е ефикасната меѓународна соработка. На располагање се повеќе платформи кои може дополнително да ја подобрат соработката во оваа област, а обновениот ЕУ Акциски план може да претставува квалитетна рамка за натамошно зајакнување на заедничкиот пристап во борбата против криумчарењето на мигранти, дотолку повеќе што постои заеднички интерес, а и капацитети за натамошно развивање на сеопфатно и балансирано партнерство од взаемна корист“, рече министерот Спасовски, додавајќи дека во првите 9 месеци на 2021 година спречени се вкупно 16.000 обиди за илегално минување, што претставува намалување од 36,5% во однос на истиот период минатата година, како и 35 случаи на криумчарење на вкупно 420 мигранти.
Во сесијата посветена на борбата против тероризмот, насилниот екстремизам и радикализацијата, како едно од приоритетните европски безбедносни прашања, министерот Спасовски ја нагласи неопходноста од подготвеност и отпорност како на локално, така и на национално, но и на меѓународно ниво за чија цел е креиран Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот.
„Борбата против тероризмот претставува значителна мотивација и за интензивна размена на безбедносно значајни информации со земјите од регионот, но и со нашите стратешки партнери. Во праксата, како особено корисна алатка се покажа оперативна апликација за безбедна размена на информации – СИЕНА, која е целосно оперативна во единицата во МВР надлежна за борба против тероризмот и преку која во изминатата година се разменети околу 800 пораки и одговори на барања“, појасни Спасовски, додавајќи дека измените на Законот за кривичната постапка, во однос на сложените случаи, меѓу кои и оние од областа на борба против тероризмот, како и донесувањето на Законот за критична инфраструктура претставуваат одговор токму на препораките од Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот.
Во рамки на работната сесија за справувањето со организираниот криминал, министерот Спасовски најави дека Владата на РСМ, согласно целите и приоритетите од Националната стратегија за дроги 2021-2025, веќе идната 2022 година ќе воспостави Систем на рано предупредување од нови психоактивни супстанции, како одговор на заложбите за зајакнување и развој на адекватни пристапи за намалување на побарувачката и понудата на дроги, како и потреба за зајакната координација помеѓу институциите и подобрување на системот на известување.
„Нашата цел е намалување на бројот на млади лица кои употребуваат дроги, поголем опфат на лица кои употребуваат дроги преку програмите за третман и грижа, развивање на Програми за намалување на штетите од употребата на дроги, ресоцијализација, рехабилитација и реинтеграција, како и намалување на бројот на лица генерално кои користат дроги, а со тоа и намалување на побарувачката на дроги“, соопшти Спасовски, воедно нотирајќи го како приоритет во наредниот период натамошното развивање на соработката, преку учество во заеднички билатерални или мултитерални и EMPACT операции во сите области, партиципирање во заеднички истражни тимови, приклучување кон нови Проекти за оперативна анализа, континуирана размена на оперативни и стратешки информации и користење на продуктите на Европол.
Линк до фото галерија: https://mvr.gov.mk/galerija/369