Министерот за економија, Крешник Бектеши го пречека вицепремиерот и министер за економски развој и технологија на Република Словенија, Здравко Почивалшек кој денеска е во официјална посета на Северна Македонија.
Министерот Бектеши и вицепремиерот Почивалшек остварија билатерална средба на која дискутираа за економската соработка помеѓу двете земји и за можностите оваа соработка да се унапреди дополнително.
Министерот Бектеши во своето воведно обраќање за добредојде го информираше вицепремиерот Почивалшек за економските реформи кои ги спроведува Владата, пред се во делот на зголмуавање на инвестициите.
„Словенија и Северна Македонија се слични по големина и бројот на жители, сепак словенечката економија е понапред од нашата. Има голем број на компании од Словенија кои работат во Северна Македонија, но и обратно, тоа е знак на солидна економска соработка, а мислам дека има многу области каде можеме да ја унапредиме соработката. Тоа е пред се во делот на бањскиот туризам, каде што Словенија има големо искуство“, кажа министерот Бектеши.
Министерот Бектеши кажа дека Северна Македонија е посветена во делот на зголемување на економската соработка со Словенија, а според статистичките податоци, билатералната трговија помеѓу двете земји, по падот минатата година како резултат на кризата предизвикана од пандемијата, од почетокот на оваа година бележи континуиран раст.
Министерот Бектеши информираше дека нашата земја има конкурентни услови за привлекување на странски инвестиции, но и за поттикнување на инвестиции на домашни компании, преку мерките содржани во Законот за финансиска поддршка на инвестициите
Вицепремиерот и министер за економски развој и технологија на Словенија, Почивалшек, се согласи дека економските односи помеѓу двете земји се на многу високо ниво, но постои простор за дополнителен раст.
Кажа дека само во првите девет месеци трговската размена помеѓу двете земји бележи раст од 30%.
„Ме радува големата инвестициската размена помеѓу двете земји. Словенечките инвестиции во Северна Македонија се над 400 милиони евра, работат над 40 компании кои вработуваат 2500 вработени. Радува и порастот на македонските инвестиции во Словенија кој изнесува над 30 милиони евра, пред се во делот на металургијата“, изјави Почивалшек.
Двајцата министри се договорија во наредниот период да се организира заеднички инвестициски бизнис форум, каде што ќе се сретнат компании од двете земји, што ќе биде можност за размена на искуства, нови договори и проширување на инвестициите помеѓу двете земји