Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска оствари средба со пратеничката и заменик претседателка на Комисијата за европски прашања во Националното Собрание на Франција, Лилиана Танги и францускиот амбасадор, Сирил Бoмгартнер.
На состанокот се разговараше за политиките што двете држави ги водат за спречување и заштитата од насилство врз жените и семејно насилство, како и за поддршката што двете држави ја даваат за лицата со попреченост.
Министерката Шахпаска информираше дека со новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жената и семејното насилство, вградени се принципите од Истанбулската конвенција и се овозможува системски пристап во заштитата на жените и децата од насилство.
„Ова законско решение предвидува мултисекторски пристап на институциите, кои заедно со граѓанскиот сектор се од клучно значење за препознавањето, превенцијата и заштитата од насилство врз жените и семејното насилство. Дополнително воспоставивме систем за реинтеграција на жртвите на насилство. Од ова законско решение произлезе и воспоставувањето на Националното координативно тело, чија работа ја координира МТСП и има задача да предлага мерки за унапредување на превенцијата и заштитата од насилството врз жените и семејното насилство, но и да го следи спроведувањето на Конвенцијата на Советот на Европа“, нагласи министерката Шахпаска.
Таа информираше за социјалната реформа, со која се воспоставија и нови услуги, како помош и нега во домот, одмена на семејната грижа, но и обезбедување на лични асистенти за лицата со попреченост од шест до 65 години.
Француската пратеничка Танги истакна дека законските решенија и политики на двете земји имаат многу сличности и изрази задоволство од политиките што ги спроведува Северна Македонија во социјалната сфера.
Преку конкретни примери Танги направи споредба за сличности во социјалната политика на двете земји.
Министерката Шахпаска оцени дека искуството на Франција е многу значајно за Република Северна Македонија.
Двете соговорнички разговараа и за деинституционализацијата и воспоставувањето на новите форми на живеење со поддршка, но и за новините во делот на породилното отсуство коишто се предвидени во работната верзија на системскиот закон за работни односи, со кој се предвидува и татковско отсуство.
Целта на неколкудневната посета на Танги во нашата земја е и нејзиното обраќање во рамки на проектот TAIEX на Европската Унија, чија цел е зајакнување на меѓупарламентарната соработка која придонесува за процесот на европска интеграција.