Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска оствари средба со претставници од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ). На средбата се разговараше за „Проектот за подобри услови за вработување на сезонски работници во Република Северна Македонија“. Проектот за регистрирање на сезонските работници преку донесување на нови или дополнување на постојните законски решенија за употреба на софтверско решение, а е поддржан од ГИЗ, треба да го имплементира Центарот за истражување и креирање на политики - ЦИКП – Скопје.
Министерката Шахпаска посочи дека секоја помош е добредојдена во формализирање на неформалната економија.
„Ние сме свесни колку е значајно неформалната економија да се формализира. Го финишираме драфот на новиот Закон за работни односи кој овозможува поголема заштита на работничките права, особено во делот на сезонската работа, односно сезонските работници. Во него се предвидени одредби кои ќе овозможат работодавачот со плаќање на придонеси во зимскиот период да си обезбеди работна квалификувана сила од претходната сезона, за следната година. На тој начин, сезонските работници ќе имаат сигурност во периодот во кој што не одат на работа“, рече Шахпаска.
Според претставниците на ГИЗ, од посебна важност е подигање на свеста кај работниците за тие да почнат да го употребуваат електронскиот систем за регистрирање сезонски работници во земјоделството, односно на ранливите групи на граѓани. Со формалното регистрирање на работниците освен што се решава нивниот статус, фармерите и земјоделските претпријатија ќе ги почувствуваат придобивките од пријавениот труд. На овој начин ќе се намали неформалниот работен ангажман.
Со Проектот за подобри услови за вработување на сезонски работници се очекува зајакнување на капацитетите на јавните институции и надлежните министерства и зајакнување на соработката меѓу институциите и интегрирање на податочните бази од повеќе јавни институции со цел подобро евидентирање и следење на состојбите.
Овој проект претставува продолжување на Проектот „Зголемување на можностите за вработување на сезонските работници во регионот на Југоисточна Европа во 2019 и 10/2020 година", кој, исто така го имплеменитраше ГИЗ и Националната алијанса за локален економски развој (НАЛЕД) од Република Србија, ЦИКП – локален партнер.