Владата на Република Северна Македонија претставена од министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири и од советникот на премиерот за труд и социјална политика Милан Живковиќ, денеска разговараше со претставници на Сојузот на синдикати на Македонија и граѓанските синдикати што членуваат во него, а во врска со синдикалните барања за повисока минимална плата, потребата од конечно воведување на неделата како неработен ден, правото на исплата на регрес за годишен одмор, односно К-15, за јавниот сектор и за општиот колективен договор за приватниот сектор.
Владините претставници ги изнесоа владините политички позиции за унапредување на правата и статусот на работниците во Северна Македонија без разлика од кој сектор доаѓаат и уште еднаш ги потенцираа заложбите на Владата за најбрзо обезбедување на денот недела како неработен за сите работници кои имаат потреба од остварување на тоа право, како и за покачување на минималната плата до 18.000 денари најбрзо што може во 2022 година, а со цел покачување до 20.000 денари до крајот на мандатот.
Министерот Шаќири во име на Владата потенцираше дека обврска на Владата е да го слушне и разбере гласот на работникот и дека оваа Влада секогаш ќе биде отворена и ќе излегува во пресрет на барањата на синдикатите. Министерот изрази целосна подготвеност за реализација на циклус разговори меѓу Владата и социјалните партнери со цел најдат најсоодветни и изводливи решенија за унапредување на статусот на работниците, вклучувајќи и покачување на минималната плата.
Владата и синдикатите се согласија работна група да ги прибере сите потребни податоци со цел детална разработка на можните оперативни решенија за зацртаните социјални цели, најдоцна до 20 јануари 2022 година.