Министерството за труд и социјална политика известува дека од денес 27.12.2021 год. (понеделник) започнува етапната исплата на декемвриските пензии. Пензиите ќе бидат исплатени предвреме и етапно, со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот КОВИД-19.
Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата:
- За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 27.12.2021 година (понеделник);
- За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 28.12.2021 година (вторник);
- За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 29.12.2021 година (среда); и
- За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 30.12.2021 година (четврток).
Пензионерите кои користат платежна картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од 27 декември (понеделник). Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања.
Етапното процесирање на пензиите ќе овозможи спроведување на препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот, со оглед на тоа што пензионерите како возрасна група се најранливи.
Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми. Апелираме до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати, затоа што етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје.