Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Република Бугарија, Кирил Петков одржаа заедничка прес-конференција на која информираа за разговорите од нивната тет-а-тет средба како и од пленарниот состанок на двете делегации.
Премиерот Ковачевски уште еднаш му посака добредојде на неговиот колега од Бугарија и на членовите на неговата делегација и истакна дека неговите први работни денови ги почнува со едно од најважните прашања за Северна Македонија - а тоа е создавањето услови за брз напредок во нашите европски интеграции.
„Во двете земји има две нови влади. Со колегата Петков си дадовме збор дека ќе ја искористиме новата енергија и преку нов пристап базиран на взаемна почит да ги унапредиме односите меѓу двете земји. И јас и тој имаме иста заедничка цел – да создадеме услови за подобра иднина за граѓаните на Република Северна Македонија и Република Бугарија“, истакна премиерот Ковачевски на прес-конференцијата пред многубројните новинари од нашата земја, од Бугарија и од регионот.
Премиерот Ковачевски потсети дека денешната посета на неговиот колега Петков, коинцидира со 30 годишнината од признавањето на Република Бугарија на независноста на нашата земја под тогашното уставно име и дека Северна Македонија и Бугарија се две блиски соседни држави, а Македонците и Бугарите се два блиски и пријателски народи.
„Затоа денес, како двајца премиери на две многу блиски држави, се согласивме дека влегуваме во интензивна динамика на решавање на отворените прашања со цел побрзо обезбедување на нова иднина“, нагласи премиерот Ковачевски и соопшти дека веќе е направен првиот голем исчекор со постигната согласност Бугарија да го користи краткото име Северна Македонија подеднакво како и долгото име Република Северна Македонија и дека за тоа веќе ги извести Обединетите Нации.
Од наша страна, рече премиерот Ковачевски, Северна Македонија, преку Министерството за надворешни работи исто така испрати вербална нота до Обединетите Нации во врска со употребата на нашето долго и кратко име, во која се потврдува дека и двете имиња се еднакво валидни и во која се потврдува отсуството на било какви импликации врз територијалниот интегритет на Бугарија.
„Отстранувањето на ова прашање од масата на разговори преку ваков усогласен и пријателски однос од двете страни за мене преставува прв голем чекор од ова наше ново поглавје. Ваквите чекори влеваат оптимизам за иднината. Ваквите чекори водат кон посилно поврзување и кон поголема соработка меѓу двете држави и двата народи“, образложи претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Ковачевски.
Премиерот Ковачевски дополни дека следува финализирањето на Договорот за прекугранична соработка за периодот 2022 - 2029 со што ќе се отвори граничниот премин Клепало, а по само една недела, на 25 јануари, ќе се одржи заедничка седница на двете Влади, на која ќе бидат договорени и други конкретни чекори за унапредување на соработката во различни области и сектори.
На прес-конференцијата беше истакнато дека е во тек формирањето на работните групи во областите економија, трговија, иновации, инфраструктура, транспорт и поврзување, зелени политики, европска интеграција, култура, образование, наука и млади, од кои ќе произлезат заеднички проекти и активности, кои ќе бидат преточени во Акциски план, согласно кој ќе се очекуваат конкретни резултати.
Претседателот на Владата на Република Бугарија, Кирил Петков од своја страна истакна дека неговата прва официјална посета на Северна Македонија се оствари во исклучително убава атмосфера и дека донесе добар и пријателски разговор.
Петков изрази уверување дека од денеска напредокот во односите меѓу двете земји ќе се препознава низ конкретни резултати и чекори и ја најави авионската линија Софија-Скопје за која се очекува во наредните 60 дена да има конкретно остварување.
Премиерот Петков го нагласи оптимизмот кој тој го темели на интензивните средби на работните групи кои ќе се интензивираат уште од идната недела со одржувањето на меѓувладината седница во Софија.
Во прилог Ви го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Дозволете на самиот почеток да го истакнам моето големо задоволство од посетата на мојот драг колега и пријател, премиерот Петков,
Драг пријателе Кирил, добредојдовте во Скопје. Овде секогаш можете да сметате дека сте меѓу многу блиски пријатели.
Почитувани граѓани,
Моите први работни денови како премиер на македонската Влада ги почнувам со едно од најважните прашања за Северна Македонија – а тоа е создавањето услови за брз напредок во нашите европски интеграции.
Во двете земји има две нови влади. Со колегата Петков си дадовме збор дека ќе ја искористиме новата енергија и преку нов пристап базиран на взаемна почит да ги унапредиме односите меѓу двете земји.
И јас и тој имаме иста заедничка цел – да создадеме услови за подобра иднина за граѓаните на Република Северна Македонија и Република Бугарија.
Оваа денешна посета, која е прва посета на регионот на колегата Петков, коинцидира со 30 годишнината од признавањето на Република Бугарија на нашата земја. Република Бугарија е прва којашто не призна и направи пријателски чин во исклучително сложени политички услови.
Триесет години подоцна отвораме нов прозорец на соработка кој веруваме дека ќе резултира со нов пријателски и добрососедски чин – поддршка за нашата евроинтеграција.
Северна Македонија и Бугарија се два блиски соседни држави, а Македонците и Бугарите се два блиски и пријателски народи.
Затоа денес, како двајца премиери на две многу блиски држави, се согласивме дека влегуваме во интензивна динамика на решавање на отворените прашања со цел побрзо обезбедување на нова иднина.
Денеска со премиерот Петков, се договоривме Бугарија да го користи краткото име Северна Македонија подеднакво како и долгото име Република Северна Македонија. Тоа значи дека Бугарија нема веќе да ја кочи употребата на краткото име во ниту еден меѓународен или билатерален процес и за тоа ги извести Обединетите Нации.
Истовремено, Северна Македонија, преку Министерството за надворешни работи исто така испрати вербална нота до Обединетите Нации во врска со употребата на нашето долго и кратко име, во која изрично се потврдува дека и двете имиња се еднакво валидни и во која се потврдува отсуството на било какви импликации врз територијалниот интегритет на Бугарија.
Јас вчера го следев интервјуто на мојот драг колега Кирил на една национална телевизија каде што тој мораше да се концертира да каже Република Северна Македонија, односно да го искористи долгото име и доколку денеска има интервју тоа нема да мора да го прави бидејќи може слободно да го употребува името Северна Македонија.
Отстранувањето на ова прашање од масата на разговори преку ваков усогласен и пријателски однос од двете страни за мене преставува прв голем чекор од ова наше ново поглавје. Ваквите чекори влеваат оптимизам за иднината. Ваквите чекори водат кон посилно поврзување и кон поголема соработка меѓу двете држави и двата народи.
Следно е да го финализираме и Договорот за прекугранична соработка за периодот 2022 – 2029. Најзначаен проект од оваа област е отворањето на граничниот премин Клепало, со што ќе се олеснат движењето, транспортот и трговијата. Ќе се зголеми потенцијалот за туризмот, а со тоа и врските меѓу граѓаните на нашите земји и развојот во пограничните региони.
За само една недела, на 25 јануари, ќе одржиме заедничка седница на двете Влади, на која ќе договориме и други конкретни чекори за унапредување на соработката во различни области и сектори.
Ќе се формираат работни групи коишто ќе работат на конкретни проекти за зајакнување на соработката и на воспоставување на поголема доверба и на градење на односи коишто ќе значат просперитетна иднина.
Очекувам наскоро да се реализираат и иницијативите коишто ги најави премиерот Петков за кои ќе оставам тој повеќе да каже.
Со ова сакам уште еднаш да му се заблагодарам на господинот Петков што веднаш по изборот на нашата нова Влада и мојот избор за премиер го одржа своето ветување да биде првиот премиер којшто ќе дојде како гостин во Северна Македонија.
Исто така сакам да им се заблагодарам и на членовите на делегацијата, на министрите и на потпретседателот на бугарското Собрание кои што одржаа состаноци со своите колеги од Северна Македонија.“