Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски попладневно имаше телефонски разговор со Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен којашто му го честиташе изборот за претседател на Владата и му посака плодна и успешна работа.
Премиерот Ковачевски се заблагодари на честитката, и на поддршката што Претседателката на Европската Комисија Лајен ја дава на Северна Македонија.
Премиерот Ковачевски ја извести претседателката Лајен дека европските интеграции остануваат еден од врвните приоритети на новата Влада. Исто така тој ја запозна претседателката на ЕК со активностите на Владата во периодот што следи, мерките и политиките што се преземаат во правец на надминување на енергетската криза, како и економските мерки на Владата.
Во телефонскиот разговор стана збор и за неодамнешната посета на бугарскиот премиер Кирил Петков на Скопје, што заеднички ја оценија како позитивен чекор во надминување на разликите, и го поздравија фокусот во проекти и активности кои се важни за иднината.
Премиерот Ковачевски ги реафирмираше уште еднаш македонските позиции, за македонскиот јазик и идентитет.
Претседателката на ЕК, Лајен го поздрави воспоставениот дијалог на ниво на премиери меѓу двете земји, и истакна дека Брисел силно го поддржува овој процес и дека таа лично, но и целата Комисија се спремни да помогнат со цел што побрзо оддржување на првата меѓувладина конференција со Република Северна Македонија.
Премиерот Ковачевски и Претседателката на ЕК, фон дер Лајен се договорија многу скоро да имаат директна меѓусебна средба во Брисел.