Владата на Република Северна Македонија на денешната 8 седница донесе одлука да продолжи важноста на мерката за определување највисоки цени на основните прехранбени производи, како што се: леб, шеќер, брашно-тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, свежо месо и сувомеснати производи, сирење и урда, ориз, јајца и тестенини.
Со оваа одлука највисоките цени на овие производи остануваат на нивото на редовните цени кои се применувале на 1 декември 2021 година, во трговијата на големо и трговијата на мало, при што се исклучуваат цените на попуст (акциски попуст/снижување/распродажба) кои важеле на 1 декември 2021 година.
Оваа интервентна мерка на пазарот, која започна да се применува од 6 декември 2021 година ќе продолжи да се применува до 28 февруари 2022 година.
На оваа своја седница Владата ја донесе Програмата за економски реформи (ПЕР 2022 – 2024), во која се идентификувани клучните предизвици коишто треба да ја зајакнат конкурентноста и растот на економијата.
Со усвоената Програма следниот тригодишен период фокусот ќе биде ставен на зајакнување на човечкиот капитал за инклузивен развој, поттикнување зелена транзиција, како и подобрување на конкурентноста на домашните претпријатија, нивна интеграција во глобалните вредносни синџири и формализација на економијата.
Новина во Програмата на економски реформи 2022-2024 се реформите во животната средина во делот на Зелена транзиција, а коишто се однесуваат на справување со цврстиот отпад и отпадните води. Еден од клучните предизвици е енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија.