На денешната 11-та седница, Владата на Република Северна Македонија донесе одлуката за одобрување финансиски средства во износ од 2,9 милијарди денари на АД Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, за обезбедување финансиски средства за справување со кризната состојба во снабдување со електрична енергија.
Со оваа одлука се задолжува ЕСМ АД овие средства да ги искористи за реализација на мерките за обезбедување дополнителни количини на електрична енергија.
На оваа своја седница Владата одобри АД Електрани на Северна Македонија да ја спроведе постапката за продолжување на рокот на доспевање на фактурите за испорачана електрична енергија за декември 2021 година и за јануари 2022 година, од ЕВН АД до 01.07.2022 година.
Во врска со ова, Владата го задолжи АД ЕСМ да склучи Анекс на договорите со ЕВН со кој на дистрибутерот на електрична енергија ќе му се овозможи одложено плаќање на доспеаните фактури за декември 2021 и за јануари 2022 година, со соодветна гаранција во висина на износот на фактурите за кои се продолжува рокот на плаќање.
Владата ги прифати и заклучоците на Министерството за финансии со кои се задолжуваат буџетските корисници од централната власт, во најкраток временски рок да ги подмират заостанатите обврски за потрошена електрична енергија и во утврдените рокови да ги плаќаат фактурите за испорачана електрична енергија.
За подмирување на заостанатите обврски за потрошена електрична енергија и плаќањето на фактурите за испорачана електрична енергија е донесена препорака до единиците на локална самоуправа и институциите во нивна надлежност, како и за јавните претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост.
Владата денеска ја донесе Уредбата за организацијата и функционирањето на единствениот комуникациско-информативен систем со единствен број на повикување во случај на ризици, опасности и други несреќи на целата територија на Републиката - Е-112.
Е-112 има за цел да обезбеди континуитет на управувањето со итни повици, како унапредување на мерките и апликациите за навремено определување на локацијата со цел брза и навремена реакција на сите служби опфатени во системот за справување со кризи.
Е-112 исто така обезбедува брзина и ефикасност во постапувањето при итни повици за итни случаи за помош и се овозможува достапност до системот на сите лица на територијата на Република Северна Македонија, без надоместок од сите телефонски мобилни или фиксни оператори.
Владата денеска донесе заклучок да го повлече Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета од собраниската постапка и на усвојување пред пратениците да го достави новиот текст на предлог-законот во кој во членот 6 е избришана формулацијата „негативно мислење“.
Со таа измена членот 6 од предложениот закон гласи: „За навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг со утврден или очевиден идентитет омаловажувачко или понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед“.
На денешната седница Владата ги усвои измените и дополнувањата на Законот за минимална плата во согласност со одлуките од Економско-социјалниот совет.
Со овие измени со кои најмалиот износ на минималната плата почнувајќи од мартовската плата не може да биде помала од 18.000 денари, во законска рамка се ставени и донесените измени за редовно годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот, како и критериумот според кој висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57% од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика.
Владата на денешната седница ја усвои Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за оваа 2022 година, која е донесена врз основа на анализи за искористеноста на средствата, земајќи го предвид развојниот ефект на субвенциите и отстранувањето на можноста за нивна злоупотреба.
Со годинешната Програма за првпат се врши усогласување со политиките на Европската Унија преку воведување на пилот мерка во овоштарството за линеарна субвенција и авансна исплата на субвенциите за почеток за секторот овоштарство. Оваа мерка е по основ на европската мерка „decoupling“, која подразбира линеарна исплата за обработлива земјоделска површина независно од културата.
Новитет во оваа програма е што исплатата за оваа мерка ќе се врши авансно во тековната година, во периодот од септември 2022 година до декември, а остатокот ќе биде исплатен до месец мај следната година како и досега.
Ваквиот начин на субвенции согласно европските регулативи е предвидено следната 2023 година да се воведе и за останатите мерки по површина, односно за поледелство, градинарство и лозарство.
Во новата Програма за финансиска поддршка во земјоделството е предвидено зголемување на финансиската поддршка за мерката зелена нафта, со цел да се анулираат зголемените трошоци за нафта.
Со новата Програма, се зголемуваат субвенциите за грло говеда од 2.800 на 3.100 денари по грло и за прв пат се воведува дополнителна субвенција по квалитет на млеко, и продолжува поддршката за сите стратешки култури како тутунот, грозјето, пченицата и друго.
На оваа седница, на предлог на Комисијата за именувања, Владата за претседател на Советот за македонски јазик го именуваше проф. д-р Људмил Спасов, кој и претходно ја извршуваше оваа должност, а за членови на Советот се именувани Елена Јованова – Грујовска, Елизабета Бандиловска, Виолета Јанушева, Лидија Аризановска, Снежана Велковска, Елизабета Кузмановска, Симон Саздов, и Искра Пановска Димкова.
На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата денеска ја донесе и Програмата за финансирање на микро производителите на вино за 2022 година.
Согласно оваа програма, 68 микро винарии кои се регистрираа според поволните политики за развој на оваа дејност, сега се стекнуваат со можност да аплицираат за грантови во висина од 10.000 евра за опрема и консултантски услуги на енолози.
Владата на Република Северна Македонија денеска ја одржа и редовната 12-та, тематска седница, на која беа разгледани програмите за работа на министерствата за 2022 година, додека за програмите за работа, за финансиските и за инвестициските програми на јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост, Владата дополнително ќе расправа на една од наредните седници.