Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска на денешната средба со шпанскиот амбасадор во нашата земја, Хосе Луис Лозано Гарсија изразија подготвеност за продолжување на соработката преку размена на искуства за зајакнување на политиките за добро владеење и унапредување на суштинските реформи врзани за нашето пристапување кон Европската Унија.
На средбата беше повторена поддршката која Шпанија како значаен партнер на НАТО И ЕУ ѝ ја дава на Северна Македонија за што поскоро започнување на преговорите на земјата со Унијата и беше изразена благодарност за брзата ратификацијата на Протоколот за нашето членство во НАТО, кој Шпанскиот Сенат едногласно го одобри и покрај кризата со коронавирусот.
На средбата беа поздравени политиките на Северна Македонија во согласност со позициите на стратешките партнери при осудувањето на руската инвазија во Украина, како и одлуките за доделување на помош на украинскиот народ и подготвеноста за прием на бегалци од Украина.
На средбата беше изразено задоволство од новата енергија која е видлива во воспоставениот дијалог со Владата на Република Бугарија, при што беа разменети информации за соработката на работните групи, особено во рамки на групата каде вицепремиерката Грковска, со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и други експерти разговараат за предлози и решенија од областа на владеењето на правото, дигитализацијата, зелената агенда и други теми од важност и интерес на граѓаните.
Беше истакната волја и отвореност за продлабочување на соработката од областа на креирање антикорупциски мерки, споделувања искуства за законската регулатива и подигнување на нивото на транспарентност и отчетност како исклучително важни алатки за превенција од коруптивните дејствија.