Меѓувладината работна група за европска соработка – зелена транзиција, дигитална трансформација и владеење на правото продолжи со својата работа и активности, денеска во Скопје.
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, како копретседавач со оваа работна група, го отвори состанокот, истакнувајќи дека веќе е поставена стабилна основа во областа на евроинтеграциите, зелените политики и доброто владеење, и дека сега е време само да се надградува.
„Соработката е клуч на добрососедските односи и напредокот на регионот. Средбите и новата комуникација која ја воспоставивме значи дека постои перспектива, дека имаме добри односи и дека имаме политичка желба и одговорност да гледаме во правец на развојот и нови можности, од кои двете земји и граѓаните од двете страни на границата може само да имаат корист“, рече вицепремиерот Маричиќ на средбата.
Во рамки на првиот дел од средата беше потпишана Декларација за соработка помеѓу Министерството за електронско управување на Бугарија и Министерство за информатичко општество и администрација на Северна Македонија, од страна на министерот Адмирим Алити и неговиот бугарски колега Божидар Божанов, со цел воспоставување, развивање и зацврстување на билатералната соработка во областа на доверливи електронски услуги и електронска идентификација.
После завршувањето на воведниот поздравен дел следуваа паралелни состаноци по теми на кои надлежните министри дискутираа за заедничките можности и потреби од соработка во конкретните ресори.
Вицепремиерот Маричиќ, заедно со заменик-претседателката на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, беа дел од сесијата на тема „Партнерство со граѓанските организации“, на кој заедно со бугарската колешка, заменик-претседателка на Владата задолжена за добро владеење Калина Константинова, разговараа за значењето на граѓанскиот сектор во развивањето на праксата на добро владеење и унапредување на демократските процеси во земјата.
Заменик-претседателката на Владата, Грковска информираше за Советот за соработка помеѓу Владата на Република Северна Македонија и граѓанскиот сектор, и во таа насока се договорија да работат на воспоставување на иницијатива за соработка на граѓанските сектори на двете пријателски земји со посебен фокус на размена на искуства и мислења во полињата за добро владеење, зелената агенда и евроинтеграциите.
Министерот за правда Тупанчески, со својот колега, бугарскиот заменик-министер за правда, Борислав Ганчев, на заедничкиот состанок ги дефинираа приоритетни области во кои би се насочила поддршката и размената на искуства за идната Стратегија, како и текстови од важечките прописи, стручната литература и публикации од областа на правосудството, организирање и учество на конференции, работилници и семинари, како и соработка при компаративни истражувања поврзани со правни прашања од заеднички интерес. Заменик-министерот Ганчев изрази интерес за правната рамка за лобирање, како и за организацијата и функционирањето на јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители, за што министерот Тупанчески истакна дека Министерството за правда е отворено за соработка и ќе даде максимална поддршка и придонес во овие приоритетни области.
На денешната трета сесија на меѓувладината работна група за „Европска соработка - зелена транзиција и дигитална трансформација, владеење на право", министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на билатералната средба со бугарскиот колега, вицепремиерот за климатски политики и министер за животна средина и води на Република Бугарија Борислав Сандов, го потврдија заедничкиот став дека продлабочување на билатералната соработка и во делот на животната средина има важна улога во евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, како и во имплементацијата на регулативата од Поглавјето 27.
Од страна на Бугарија, на Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и е понудена развојна техничка помош за Поглавјето 27, односно за зајакнување на институционални и административни капацитети за водење на преговори за Поглавје 27, што би била финансирана преку Министерството за надворешни работи на Бугарија.
Во таа насока, на заедничката седница се дефинираа приоритетните теми за времетраењето на проектот, кој се предвидува да започне веднаш и да трае до април 2023 година. Министерот Нуредини, како приоритетни области во кои би се насочила поддршката ги посочи индустриските жешки точки и справувањето со аерозагадувањето.