Портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната прес-конференција, информираа за донесените одлуки и заклучоци од 40-тата седница на Владата и одговараа на прашања од интерес на јавноста и медиумите.
Во контекст на олеснување на мерките за заштита од КОВИД-19, како што посочија, Владата на вчерашната седница донесе одлука да престане да важи обврската на домашните и странските државјани кои влегуваат во нашата земја на граничниот премин задолжително да приложат сертификат за извршена вакцинација, сертификат за прележан КОВИД-19 во последните 180 дена, медицинска потврда за негативен ПЦР тест направен 72 часа пред влезот во Северна Македонија или негативен брз антиген тест направен 48 часа пред влезот во земјата.
Владата исто така ја укина и мерката домашна изолација/карантин во времетраење од седум дена за лицата кои при влез на граничните премини нема да приложат еден од досега предвидените сертификати.
На прес-конференцијата беше информирано дека на вчерашната седница Владата го утврди текстот на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за гранична контрола со кој се врши усогласување со директивата 2016/681 на Европскиот парламент и на Европскиот совет од 27 април 2016 година за употребата на податоци од евиденцијата на податоци за патниците за спречување, откривање, истрага и кривично гонење на кривичните дела на тероризам и тешки кривични дела.
На новинарскиот интерес за причините за разрешување на генералниот директорот на Акционерското друштво за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“ Јани Макрадули и директорот на ФЗО Стево Крстевски, беше информирано дека Владата му препорача на надзорниот одбор на А.Д. „Пошта на Северна Македонија“ да го разреши Јани Макрадули од функцијата генерален директор заради подобрување на состојбите во компанијата и јакнење на капацитетите на нејзиниот менаџмент, додека директорот на ФЗО Стево Крстевски, како што посочија, дал оставка од приватни причини.
Портпаролите информираа дека на седницата Владата го разреши од должноста директорот на Фондот за здравствено осигурување Стево Крстевски, а за вршител на должноста директор ја именува Магдалена Филиповска – Грашкоска, којашто е разрешена од должноста претседател на Инспекцискиот совет. За в.д. претседател на Инспекцискиот совет Владата ја именуваше Даниела Рендевска.
На прашањето кога, во контекст на олеснувањето на мерките за заштита од КОВИД-19, прес-конференциите и другите настани во Владата на Република Северна Македонија ќе се одвиваат со физичко присуство, беше најавено дека набргу прес-конференциите и другите настани во Владата ќе бидат организирани со физичко присуство, но дека останува отворена можноста и за онлајн следење на прес-конференциите преку платформата „Zoom“.
На медиумскиот интерес за податоците изнесени во извештајот на „Фридом Хаус“, беше нагласено дека овој извештај се однесува на подолг период, односно опфаќа и дел од периодот пред 2017 година, пред формирањето на Владата предводена од СДСМ, кога бевме сведоци дека има сериозни назадувања во политичките процеси, предавањето на власта и справувањето со корупцијата.
Во изминатите пет години, како што подвлекоа портпаролите, Владата успеа да ја врати слободата во општеството, вербата во институциите и продолжува да гради слободно и демократско општество во кое на прво место се почитувањето и заштитата на правата на секој граѓанин. Тоа, како што подвлекоа, се гледа и од подобрениот рејтинг на владеењето кој според извештајот е зголемен од 2,25 на 2,5.
Дополнително, Република Северна Македонија е посочена како земја која го има задржано либерално демократскиот развој во 2021 година, и дека останува доследна на целта за постигнување уште подобри резултати во однос на градење општество во кое се почитуваат граѓанските вредности, права и слободи.