Премиерот Димитар Ковачевски во своето експозе по повод првите 100 дена од работата на Владата истакна дека уште во првите 50 дена, меѓу другите важни достигнувања беа направени два историски чекори.
„Во првите три недели од работата на Владата го остваривме ветувањето за зголемување на минималната плата на 18.000 денари. Директно го подобривме животниот стандард на граѓаните, на работниците. Во исклучително кризна година, година на европски и светски кризи, ефикасно и посветено постигнавме решение кое значи поддршката на граѓаните и економски раст и развој. Низ дијалог како вистински и единствен начин за изнаоѓање одржливи решенија, оваа Влада направи клучен чекор во вистинско време и покажа разбирање и за работниците и за работодавачите. Околу 160.000 граѓани сега добиваат најмалку 18.000 денари“, нагласи премиерот Ковачевски и додаде дека Владата останува посветена на политиките за раст на просечната плата и со силен интензитет да ја помага економијата.
Во првите 100 дена, потенцираше премиерот, Владата преку одговорна и посветена работа на сите чинители вклучени во економско-социјалниот дијалог обезбеди и континуиран раст на пензиите, а со тоа и на животниот стандард и квалитетот на живот на пензионерите.
„Со воведувањето на новата методологија од септември па натаму, пензионерите секој месец ќе имаат просечно по 900 денари плус на својата сметка. Обезбедивме и директна финансиска помош, по 1000 денари плус за 3 месеци, односно вкупно 3.000 денари, за речиси 330 илјади пензионери. Со сите преземени активности, во 2022 година, на годишно ниво, заедно со директната финансиска помош, во просек пензионерите ќе имаат околу 12.000 денари плус во домашниот буџет.
Сега имаме трајна и одржлива методологија која што нема да зависи од нечија политичка волја или од тоа дали ќе има избори. Имаме квалитетно решение со кое пензионерите ќе добиваат повисоки пензии.
Во своето обраќање на тематската седница посветена на првите 100 дена од работењето на Владата, премиерот Ковачевски нагласи дека актуелниот владин состав подготвено се соочи и со енергетската криза и со одговорни и сеопфатни решенија обезбеди заштита за граѓаните од поскапувањата предизвикани од глобалната енергетска криза и со економската криза предизвикана од војната во Украина, која во најголем дел влијаеше на снабдувањето со основните прехранбени производи.