Дигитализацијата на јавните услуги е клучен приоритет на Владата на Северна Македонија, таа е предуслов за да изградиме транспарентни и одговорни институции и квалитетни јавни услуги што ќе ги задоволат потребите на граѓаните, порача заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска на денешната онлајн конференција „Дигитална Влада во Западен Балкан“, во организација на СИГМА/ОЕЦД.
Законодавството и стратешките ориентации на ЕУ во областа на дигитализацијата и размената на податоци се добра основа за земјите од Западен Балкан, но според Грковска, тие треба да се прилагодат на домашните услови.
„Европските искуствата, како и нивното законодавство е многу важно како заедничка основа за креирање на домашните политики. Но, мора да имаме предвид дека нашите општества се на различни ниво, односно се наоѓаат на различна почетна точка за постигнување на истите цели. Важно е да имаме закони кои ќе бидат применливи и коишто ќе дадат сериозни резултати во општеството. Да не биде само копирање, односно препишување на европските закони, без да имаме можност за примена поради различни околности во нашето општество“, рече Грковска.
Зборувајќи за предизвиците, но и за придобивките од дигиталната трансформација, Грковска посочи дека со дигитализација јавните услуги стануваат поквалитетни и побрзи, значително се намалува времето потребно за завршување на административните постапки, а со тоа јавната администрација и институциите стануваат поефикасни.
На конференцијата се отворија неколку теми поврзани со дигитализацијата: колку политичката волја влијае врз процесот на дигитализација, кои се клучните фактори за забрзан дигитален развој, но и тоа колку е важно јавната администрација да ја сфати важноста на дигитализацијата.