Претседателот на Владата Димитар Ковачевски придружен од министерот за здравство Беким Сали, денеска го посети и отвори одделението за магнетна резонанца во рамки на одделот за рентген во ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност - Прилеп.
„Нашата посета на Општата болница во Прилеп е по повод отворањето на одделот во кој поставен ново набавениот апарат за магнетна резонанца.
Магнетната резонанца е од огромна придобивка за граѓаните на Прилеп и околината. Во овој оддел од денеска највисока здравствена услуга неопходна за точна дијагностика ќе добиваат околу 120.000 граѓани", рече премиерот Ковачевски и додаде дека после повеќе од 50 години болницата добива модерен апарат за магнетна резонанца со кој сега ќе може уште поцелосно да ја остварува својата мисија - да обезбедува квалитетна здравствена услуга на населението од Прилеп, Крушево и Македонски Брод и за целиот овој регион.
„Граѓаните од Општина Прилеп и околината нема веќе да патуваат во Скопје или Битола за да ја добиваат оваа здравствена услуга. Сега им се отвора можност олеснет пристап, без дополнителни трошоци и време за термин, да ги добиваат резултатите веднаш", истакна премиерот Ковачевски.
Тој потенцираше дека во изминатите две години пандемијата покажа дека инвестициите во јавното здравство се инвестиции во здравјето и иднината на нашата држава.
„Затоа продолжуваме со инвестиции во јавното здравство за мотивирани здравствени работници и задоволни граѓани.
Платите на сите вработени во здравството од почетокот на оваа година се зголемија за пет отсто. За оваа намена обезбедени се 600 милиони денари во Буџетот за 2022 година.
За четири години основната плата на лекарите специјалисти ја зголемивме за 40 отсто, на медицинските сестри помеѓу 20 и 23 отсто, на општите лекари за 25 отсто, додека на здравствените соработници за 15 отсто", рече премиерот Ковачевски додавајќи дека е коригиран и коефициентот за дежурства, а за младите специјализанти овозможено е здравствено осигурување, платени дежурства и месечен надомест во висина на основната плата на општ лекар.
Министерот за здравство Беким Сали изјави дека продолжуваат инвестициите во човечки ресурси и опремување на јавните здравствени установи со цел поквалитетни здравствени услуги за граѓаните.
„Во прилепската болница, со цел зајакнување на кадарот испратени се 40 специјализации за период од четири години од кои само последната година - 26 специјализации и 4 супспецијализации.
Во делот на опременост, набавено е ново гинеколошко ЕХО, нов дигестор за патологија", објасни министерот Сали и најави дека во тек е постапка за набавка на медицинска опрема, апарати за анестезија, хирургија, физикална, детско, трудова медицина, пациент-монитори за транспорт.
Директорката Кети Смилеска рече дека изминатата година Општата болница во Прилеп испрати 30 доктори на специјализација и се заблагодари на персоналот, за нивниот труд, пожртвуваност и посветеност, како и општествено одговорните компании во соработка со кои, како што рече успеваат да обезбедуваат опрема и апарати, кои помагаат во секојдневната работа.