Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, на маргините на 7-миот годишен Форум на Стратегијата на ЕУ за Јадранско – јонскиот регион, оствари билатерална средба со заменик министерот за надворешни работи на Италија, Бенедето Дела Ведова, на која беше истакнато дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за да ги започнеме преговорите со ЕУ, затоа што ние одамна сме ги исполниле условите и обврските.
Обединувањето на регионот во европското семејство ќе ја зацврсти стабилноста и ќе го врати кредибилитетот на Унијата помеѓу граѓаните од регионот и ќе овозможи зацврстување на нејзината улога како глобален лидер, со што ќе се потврди успешноста на европскиот проект-Европската Унија, рече на состанокот вицепремиерот Маричиќ.
Од страна на Бенедето Дела Ведова е потврдена силната поддршка за реализирање на нашата европска перспектива за што изрази верување дека отпочнувањето на преговорите за членство на Северна Македонија со Европската Унија ќе се случи што е можно поскоро.
Дополнително на состанокот соговорниците го изразија задоволството од постоењето можност за интензивирање на соработката за развој на стратешки проекти во рамките на
Јадранско-јонската стратегија и програми кои ќе овозможат подобро поврзување на регионот и наша побрза транзиција кон иновативна и зелена економија, а со тоа ќе придонесат за побрза интеграција на Северна Македонија во ЕУ.