Владата предложи мерки за укинување на забраната за откуп на старо железо

Владата на вчерашната седница ги усвои предложените мерки за укинување на Наредбата за забрана за вршење внатрешен промет, откуп и извоз на отпадоци и остатоци на производи од железо, челик, алуминиум, бакар, олово, цинк, калај, бронза и месинг, информира денеска министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми по средбата со претставници на Здружението на црна и обоена металургија и Асоцијацијата на секундарни суровини и рециклатори при Стопанската комора на Македонија.

Министерството во рок од 15 дена треба да подготви измени во Законот за управување за создавање правна рамка за примена на предложените мерки. Во делот на прекршочните и кривичните санкции предвидено е да се воведат прекршочни и казнени мерки - одземање дозволата за вршење дејност, конфискација на имот и забрана за издавање нова дозвола за нов правен субјект, како и забрана за вршење на дејност постапување со отпад за истиот сопственик во рок од три години, заради избегнување на фискални манипулации.

Да се забрани исплата во готово за откупениот отпад од физички лица, односно да се воведе плаќање преку трансакциска сметка врз основа на склучен договор на дело. За физичко лице при продажба на отпад во лична сопственост да се воведе ограничување до 20.000  денари годишно, во спротивно ќе треба да се достави барање за добивање дозвола за вршење дејност трговија со отпад.

Правните лица кои сакаат да добијат дозвола за постапување со отпад при аплицирање, како што истакна, треба да се воведе услов за обезбедување финансиска гаранција или соодветно осигурување чиј корисник ќе биде МЖСПП која ќе може да се активира доколку се откријат неправилности во работењето на правниот субјект.

Според Адеми, предвидено е да се востановат две категории дозволи, за правни лица кои ќе вршат преработка, третман, складирање и извоз на отпад и за правни лица кои ќе вршат само преработка, третман, складирање и  внатрешна трговија и да се утврдат условите за нивно стекнување.

Како мерка е предвидено да се утврдат услови во кои зони нема да биде дозволено изградба на инсталации за преработка, третман и складирање отпад,  но и да се утврди минимална површина на просторот за собирање отпад. Услов за добивање дозвола за работење со отпад е воведување  задолжителна употреба на софтвер кој ќе биде поврзан со ресорното Министерството преку кој ќе се води евиденција на сите исплати за откупен отпад од индивидуални собирачи.

Исплатата на откупениот отпад од индивидуални собирачи треба да се врши исклучиво преку трансакциски сметки, со што, рече Адеми ќе се врши контрола од каде е добиен тој отпад, но и каде ќе се продава.

- Утоварувањето на отпад во транспортни возила ќе биде дозволено само на одредени локации кои треба да добијат посебна дозвола за тоа каде, за што ќе треба да поседуваат специјален 24 часовен видео надзор за мониторирање на постапката за утовар. Видео надзорот ќе биде поврзан со серверот на Министерството и да биде со минимална брзина која ќе овозможува добро и јасно пренесување на сликата, Како и да се обезбеди 24-часовно следење на видео надзорот од Државниот инспекторат за животна средина, а инспекторите ќе имаат право да вршат надзор заради преглед и остранување на отпадот од дворовите, како и одземање на најдениот отпад, истакна Адеми.

Видео надзор кој ќе биде поврзан со софтверот во Министерството ќе има и во леарниците и во железарниците.

Тој додаде дека предвидено е да се воведе и задолжително означување на возилата за трансопрт на отпадот со посебни ознаки, и да се утврди овластување на министерот за животна средина и просторно планирање за пропишување на начинот и формата на означувањето,...

Министерот Адеми посочи дека е предвидено и да се донесе правилник за изменување на формата и содржината на дозволата, барањето и регистарот за издадени дозволи за трговија со неопасен отпад, начинот и постапката за издавање на дозвола, начинот на водење на евиденцијата, како и условите за начинот за вршење на дејноста трговија со неопасен отпад во кој ќе се воведе исплата за откупениот отпад од индивидуални собирачи и физички лица да се исплатува само преку трансакциски сметки.

Царинската Управа, како што нагласи Адеми, треба да определи гранични премини на кои единствено ќе може да се извезува отпад и ќе се воведе систем за мерење на возилата и контрола на транспортните формулари за отпад.

Асоцијацијата на секундарни суровини и рециклатори при Стопанската комора на Македонија позитивно ги прифати усвоените мерки, кои според претседателот  Владо Момировски, ќе придонесат за намалување на кражбите на предмети од јавно значење и изрази подготвеност за соработка и нивна примена.

Тој упати апел до Владата да ја укине забраната на следната седница, за како што рече, да може да продолжат со работа, а со тек преку имплементација на мерките да се видат и резултатите.

- Не можеме да ги видиме позитивните резултати од мерките ако не работиме и не ги применуваме. Се додека стои забраната не можеме да ги видиме резултатите од мерките, нагласи Момировски.

Тој истакна дека доколку не се укинат мерките на следната владина седница од следниот месец ќе ги отпуштат од работа сите вработени и ќе организираат радикални протести со блокирање на граничните премини и пред Владата, но и со целата механизација пред Владата.