Премиерот Димитар Ковачевски оцени дека покачувањето на платите и вложувањето во стандардот на граѓаните е политика на која останавме доследни.
„Благодарение на правичните политики и одговорното владеење, ветувањето на СДСМ од 2017 година е целосно реализирано. Малку кој веруваше дека ќе имаме просечна плата од 30.000 денари. Ова ветување беше мета на критика и потсмев од опозицијата која силно се противи на растот на платите, но и покрај честите опструкции од нив - успеавме. Во време на голема економска криза сфаќаме колку се значајни овие политики. Со покачувањето на платите ги штитиме граѓаните од големиот раст на цените, а буџетот го насочуваме онаму каде е најпотребно, да обезбедиме повеќе приходи, да ги намалиме ценовните шокови и заеднички полесно да ја надминеме кризата“, напиша Ковачевски на социјалните медиуми.
Во коментарот, изрази благодарност на сите членови на Владата во овој и минатиот мандат кои доследно и посветено работеа на остварување на ова ветување.
„Силно верувам дека граѓаните ќе ги препознаат и наградат овие политики на Владата предводена од СДСМ“, се вели во објавата за растот на просечната месечна нето-плата.