Вицепремиерката Грковска го посети Државниот пазарен инспекторат: Заштитата на потрошувачите е најважна, сите правни субјекти мора да ги почитуваат законите

Заменичката-претседател на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска го посети Државниот пазарен инспекторат каде имаше средба со директорката Анета Симеска Димоска, со која разговараа за можностите за подобрување на капацитетите и ефикасноста на инспекциските служби.
 
Вицепремиерката Грковска оцени дека ефикасното функционирање на инспекциските служби е важен сегмент во делот на одговорно и отчетно владеење и нагласи дека за таа цел нејзиниот Кабинет е во директна и редовна комуникација со Инспекцискиот совет и сите инспекциски служби.
 
Таа додаде дека заштитата на потрошувачите и почитувањето на законите од страна на правните субјекти е приоритетна задача на Државниот пазарен инспекторат и затоа неговото функционирање мора да биде ефикасно и во интерес на граѓаните.  

Директорката Симеска Димоска нагласи дека Државниот пазарен инспекторат има најголема тежина во однос на содржината и активностите кои ги реализира и затоа мора постојано да се подобруваат нивните капацитети.
 
Квалитетот на производите што се нудат на пазарот е важен и затоа, информираше директорката Симеска Димоска, Државниот пазарен инспекторат прави редовни испитувања, меѓу кои и на квалитетот на мазутот, квалитетот на горивата, како и на квлатитетот на градежни производи.
 
Вицепремиерката Грковска кажа дека предуслов за зголемување на ефикасноста на инспекциските служби е да се имплементира дигитализацијата, која во многу сегменти ќе го унапреди функционирањето и координираниот пристап во контролата на правните субјекти.