Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски во „Само интервју“ на Канал 5 истакна дека со последната владина одлука еден дел од мерките не се укинаа, а на друг дел се работи на редизајнирање за подобар опфат на граѓаните и на компаниите. Ковачевски истакна дека сите мерки кои што беа направени во март годинава беа многу детално планирани со аналитички пристап со истражување и со консултации со меѓународните финансиски институции и нивните експерти.
„Тие чинеа 400 милиони евра вкупно заедно со другите исплати во однос на субвенционирање на електрична енергија, 615 милиони евра и беа насочени кон намалување на даночните приходи, со намалување на акцизите на горива, намалување на ДДВ за горивата. Сè уште е на важност намалувањето на ДДВ за електричната енергија, директни издатоци на најранливите категории на граѓани по 1.000 денари месечно, директни издатоци на пензионерите по 1.000 денари месечно, обезбедување на гарантни шеми, без каматни кредити и половни кредити со многу ниски камати за енергетска трансформација на компаниите во делот на продажба. Ова значи дека дел од тие мерки не се укинати, а дел од тие мерки сега се редизајнираат со оглед на тоа што пред нас претстои тешка зима и мора да обезбедиме и ова беше планирано, значи не е нешто што не е планирано”, рече премиерот Ковачевски.
Во однос на цените на енергенсите и храната претседателот на Владата Ковачевски рече дека не плаќаме нешто повеќе од тоа што се светски цени.
„Апсолутно дека мерките помогнаа, опозицијата ги критикуваше овие мерки на почетокот. Имаше критики но тие мерки се покажаа дека обезбедија заштита од ценовен шок при првиот удар на кризата бидејќи да не заборавиме при првиот удар на кризата во околните држави имаше енормно покачување на цените на храната и на горивата и на цените на електричната енергија. Она што го предвидуваат меѓународните финансиски институции и анализите кои што тие ги прават е дека до крајот на годината би требало да дојде до стабилизирање на ценовните притисоци што секако дека ќе зависи од развојот на војната во Украина, бидејќи таа има најголемо влијание врз она што се случува особено врз цените на енергенсите”, рече Ковачевски.