Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски на панелот „Сега или никогаш: Откривање на европската иднина за Западен Балкан“, на конференцијата за безбедност ГлобСек 2022 во Братислава, истакна дека проширувањето на ЕУ требаше да биде процес кој се заснова на заслуги, каде што државата кандидат треба да ги имплементира вредностите на Европската Унија, како што се демократијата, економскиот просперитет и социјалната правда.
„Во нашиот случај 45% од законодавството е веќе усогласено и ако ја споредиме со други држави кои веќе преговараат неколку години тогаш во различни поглавја ние сме многу подобри. Ако ги земеме последните пет извештаи на Европската комисија за напредокот на земјата може да видите дека сите тие се позитивни“, истакна Ковачевски.
Тој додаде дека проблемот е тоа што процесот заснован на заслуги е типично политички процес, каде што поради начинот на носење одлуки во ЕУ, една држава може да го блокира процесот на пристапување на земја-кандидат што се случува со Северна Македонија во моментот.
Од друга страна, рече Ковачевски имаме нов геополитички развој на настаните и апсолутно поинаква слика во Европа каде што ЕУ треба да одлучува за начинот како да го задржи својот кредибилитет, својата определба за Западен Балкан затоа што ако ова е систем заснован на заслуги, а тоа го тврдат сите релевантни претставници на ЕУ, тогаш тој принцип мора да се применува за сите земји.
„Ние покажавме како држава и регион дека ја поддржуваме Украина и нејзиниот народ, ја изразивме нашата поддршка и кон украинската Влада. Но, од друга страна Европската Унија сега има два проблеми. Едниот е доколку не се донесе јасна одлука за Западен Балкан, кредибилитетот на ЕУ ќе опадне, и истиот момент национализмот ќе почне да расте, што е нешто што може да се случи во Западен Балкан, а ние не сакаме да го видиме тоа“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија.
Премиерот Ковачевски оцени дека клучната одлука сега е да се прати јасна порака со храбра одлука за Западен Балкан за тоа како да се продолжи понатаму по јуни.
Во однос на проширувањето на ЕУ со Молдавија, Грузија и Украина, Ковачевски нагласи дека тоа треба да биде сосема поинаков процес.
„Свесен сум а и сите сме свесни дека мора да постои јасна визија и за Украина и за Молдавија и за Грузија затоа што тие земји и граѓаните на тие земји сакаат да имаат демократско општество, да можат да ја избираат својата иднина со вредностите на ЕУ“, изјави Ковачевски на панел дискусијата на која учествуваа и претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, премиерот на Косово Албин Курти, постојаниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за Западен Балкан, и специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан Стјуарт Пич.