Денови на македонската култура во Лондон од 3-ти до 14 мај

Македонската култура ќе биде претставена во Лондон во рамки на Културната олимпијада која се одржува во пресрет на Летните олимписки игри во британската престолнина. Од 3-ти до 14 мај англиската публика ќе има можност да се сретне со македонските репрезенти во музиката, ликовната уметност, театарот и литературата.

Деновите на македонската култура ќе почнат идниот четврток со концерт на Симон Трпчески и Филхармонија оркестарот од Лондон во „Ројал фестивал хол“. Од 6-ти до 12 мај во галеријата „Пал мал“ ќе се претстави Музејот на современа уметност со изложба на дела од афирмирани македонски уметници, на 12-ти и 13 мај во „Глоуб театарот“ ќе настапи Битолскиот театар со третиот дел од „Хенри Шести“ на фестивалот во чест на Вилијам Шекспир, на кој ќе бидат изведени сите негови 37 драмски дела од 37 театри во светот. Изворната музика ќе ја претстави Стефче Стојковски и неговиот ансамбл, а литеартурата со промоција на едицијата  „130 тома македонска книжевност“ на англиски јазик во Јуниверзити колеџот.

- Коспомополитскиот Лондон, оваа година културниот папок на светот, ќе го оживее духот на заедништвото и креативноста, остварувајќи дијалог со земјите во светот. Во Лондон, практично, ќе се рализира идејата и визијата на Пјер де Кубертен, таткото на модерните Олимписки игри, за глобално олимписко движење како комбинација на спортот, културата и светските јазици. Во тоа мноштво од настани, англиската публика и посетителите од светот ќе имаат можност да ги препознаат неодоливите репрезенти на македонската култура, рече на прес-конференција министерката Елизабета Канческа-Милевска.

Симон Трпчески истакна дека е среќен што ќе настапи во Велика Британија, каде што често гостува во последните 11 години, и рече дека концертот со филхармонијата од Лондон ќе го надополни имиџот на Олимпијадата.

- Македонија како свој знамесоносец ја има културата и уметноста... Се надевам дека мојата изведба ќе заслужи бис и верувам дека сите присутни, особено Македонците таму, ќе имаат можност да уживаат во почетокот на презентацијата на нашето богатство,  рече Трпчески кој, покрај на  Деновите.., ќе има уште три концерти во Обединетото Кралство (Челтнам и  Бедфорд на 1 и 2 мај, и во Ворик на 4 мај).

Изложбата на МСУ е насловена „Made in Macedonia“ на кураторот Викторија Васев-Димевска. Ќе бидат претставени делата на Антони Мазневски, Томе Аџиески, Атанас Атанасовски, Благоја Маневски,  групата „ОПА“, Исмет Рамиќевиќ, Вана Урошевиќ, Ива Димеска, Александра Перушевска, Јован Шумковски, Симо Шемов и Жанета Вангели.

Директорката на МСУ Елиза Шулевска рече дека очекува да го предизвикаат интересот на англиската публика, зашто се работи за  автори афирмирани во светот. Почестена е, рече таа, што современата ликовна сцена од Македонија ќе биде претставена и на добра локација, во центарот на Лондон.

Валентин Светозарев, директор на Битолски театар, рече дека „Хенри Шести“ досега не е игран во Лондон, дури ни на англиски. Тринаесет актери од Битолски ќе го играат третиот дел од Шекспировата трилогија, на македонски јазик. Првпат во „Глоуб-театарот“  ќе бидат изведувани претставите на Шекспир  на други јазици. Битолскиот театар заедно со Народно позориште од Белград и Националниот театар од Албанија се трите театари од Балканот што ќе настапат на фестивалот за Шекспир. Театрите на соседните земји ќе ги изведат првите два дела од „Хенри Шести’.

Македонската литература ќе биде претставена и со учество на писателите Горан Стефановски, Венко Андоновски и Светлана Христова-Јоциќ. Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“ МИле Бошески рече дека покрај едицијата „130 тома македонска книжевност“, и оваа манифестација дополнително ќе придонесе за нови релации со издавачи од Велика Британија.

Ансамблот на Стефче Стојковски, пак, ќе изведе четири традиционални песни и ќе претстави ора и носии од Македонија. Стојковски рече дека иако ќе настапат во скратен состав, ќе дадат максимум на настапот во Лондон.

За претставувањето на Културната олимпијада Министерството за култура подготови и брошура на англиски јазик, на која е аплицирана познатата сина пеперутка. По завршувањето на  Деновите..., а во рамки на Културната олипмијада во Лондон ќе учествуваат и Никола Маџиров (на Поетската олимпијада) и Тони Китановски со „Черкези оркестарот“.