Премиерот Димитар Ковачевски како дел агендата на посетата на Општина Пробиштип, денеска ја посети фабриката „ТАБ МАК“, која и во глобално сложени услови, дури 97 проценти од производството го пласира главно на европскиот пазар.
Во посета на „ТАБ МАК“, покрај премиерот Ковачевски, беа и вицепремиерот на Владата за економски прашања и координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, градоначалникот на Пробиштип Драган Анастасов, како и коалициските партнери и менаџерите на фабриката.
Во продолжение на ова соопштение ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Ковачевски во целост:
Во овие кризни времиња секоја успешна приказна од деловниот сектор е поттик и одговор дека и во овие глобално сложени услови, со добро планирање и стратегија може да се постигнува успех и развој.
Таков е случајот со компанијата „ТАБ МАК“ која произведува стартер акумулатори за сите видови возила, како и тракциски ќелии, односно акумулатори за виљушкари.
Ова не го кажувам случајно туку врз основа на презентацијата која што менаџментот ја имаше пред малку и од која што се гледа дека и во услови на најголема криза, особено во услови на KОВИД-19 пандемијата, кога имаше и затворање и ограничување и на производи и на дистрибуција, тие не го имаат намалено бројот на вработени, туку напротив го имаат зголемено, а нивната продажба се зголемува од година во година.
Дури 97 проценти од производството на „ТАБ МАК“ го пласира на странскиот, главно европски пазар. А и од разговорите со менаџментот добивме информација која исто така дава мотивација дека состојбата во секторот е стабилна со тенденција на понатамошен раст и развој.
И во оваа година како и во претходните компанијата влегува во нов инвестициски циклус од 15 мил. евра, тоа ќе овозможи значителен раст на производството на 3 милиони стартер акумулатори и 400 илјади фракциски ќелии што претставува пораст од 100 проценти во однос на 2019 година.
„ТАБ МАК“ е една од компаниите која ги искористи можностите на Законот за финансиска поддршка на инвестиции и мерките од Планот за економски раст со кој досега се поддржани повеќе од 150 компании кои што инвестираат во нови производствени погони, опрема и производи.
За извозните компании покрај намалување и укинување на царинските стапки на располагање е и финансиската поддршка за извозни компании преку развојната Банка на Северна Македонија, евтини кредитни продукти за компании кои најголемиот дел од своето производство го извезуваат.
Владата ги охрабрува во амбициите да го зголемат производството да извезуваат и да отвораат нови работни места.
Во услови на пандемија донесовме и имплементиравме шест пакети антикризни мерки кои што беа со проценета и имплементирана вредност од 1,3 милијарди евра при што тие веќе беа насочени и кон компании како што е оваа и беа сочувани над 80 илјади работни места, а беа поддржани преку 20.000 компании во време на големата пандемиска криза.
Ова само ја потврдува определбата на Владата за одговорно владеење и грижа за стандардот на граѓаните и унапредување на економијата.
Постепено работиме на ублажување на последиците од најголемата глобална криза по Втората светска војна. Уште на почетокот ги преземавме сите неопходни мерки за ублажување на ценовните шокови. Брзо и навремено, донесовме пакет мерки во вредност од 400 милиони евра за да се амортизираат притисоците врз стандардот на граѓаните и да се обезбеди ликвидност на компаниите, а во постојан дијалог со бизнис заедницата синдикатите и сите засегнати страни го унапредуваме и животниот стандард на граѓаните.
Во време на најголемата енергетска криза обезбедивме да има непречено снабдување со електрична енергија во државата, што обезбеди и компаниите да можат непречено да работат во време на голема енергетска криза, што се потврдува и преку работата на исто така „ТАБ МАК“ во Пробиштип.
Исто така ја зголемивме и минималната плата, веќе 80.000 вработени наши сограѓани, работници во различни дејности и индустрии земаат 18.000 денари минимална плата, а дополнително го субвенционира делот за придонеси.
Од податоците за оваа компанија, платите овде се во просек поголеми од просечната плата во државата што е за поздравување, а исто така на сите вработени им се на располагање и дополнителни и исклучително важни бенефиции, а тоа е покривање на трошоци за здравствени потреби доколку за тоа не дај Боже се јават потреби и исто така за добивање на дополнителни финансиски средства на крајот на годината што навистина се работи за едно добро управување со човечките ресурси во компанијата.
Благодарение на овие политики продолжуваме да ја намалуваме и стапката на невработеност во првите 3 месеци од годинава стапката на невработеност е падната на сега веќе нов историски минимум од 14,8 проценти, за разлика од претходниот квартал кога беше 15,2 проценти.
Својот придонес во ова намалување на невработеноста има и компанијата „ТАБ МАК“ која што минатата година во време на криза во пандемија отвори нови 90 работни места и сега вработува над 500 инженери стручни лица од Пробиштип, но и од други градови во регионот како што се Кратово, Свети Николе, а исто така веќе има и вработени инженери од Скопје кои што работат во оваа фабрика.
Тоа е многу значајно за поддршка на локалната заедница, но и за учество во вкупниот раст на економијата во земјава.
Ние како Влада секогаш сме подготвени да го стимулираме развојот на компаниите кои покажуваат проактивност, резултати, вработуваат и придонесуваат за развојот на националната економија. А преку нашиот состанок кој што денес го имаме тука го потврдуваме и отворениот дијалог кој што секогаш го имаме со сите компании во државата. А особено со оние кои што вработуваат навистина голем број на лица и остваруваат голем извоз од државата во странство.