Македонија и Летонија потпишаа Спогодба за меѓународен превоз во патниот сообраќај

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и министерот за транспорт на Летонија Аивис Ронис, денеска во Рига  во присуство на претседателите на двете држави, потпишаа спогодба за меѓународен превоз во патниот сообраќај со која се овозможува либерализација на билатералниот и транзитниот превоз на стоки меѓу двете земји.

Со одредбите од спогодбата, како што соопшти Министерството за транспорт и врски, предвидено е превозот на стоки во билатерала и транзит меѓу двете земји да се врши без дозволи што голема придобивка за македонските превозници.

- Целта на потпишаната спогодба е да се промовира заеднички поволен развој на трговските и економските односи и да се олесни и регулира меѓународниот патен превоз на патници и стока во патниот сообраќај, се вели во соопштението.

Досега Република Македонија има потпишано спогодби за целосна либерализација со Велика Британија, Луксембург, Словачка, Унгарија, Швајцарија и Чешка, а со други 7 земји е овозможено одвивање на билатерален и транзитен превоз без дозволи.

Стратешка определба на Министерството за транспорт и врски е потпишување спогодби со сите земји-членки на Европската Унија со што ќе се воспостави правен инструмент за регулирање на меѓународниот патен превоз на патници и ќе придонесе во решавањето на пристапот на пазарот што е пропишан со законската регулатива на Европската Унија.