Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ во рамки на „Преспа форум за дијалог“ оствари одделни билатерални средби со заменик министерот за европски работи при Министерството за надврешни работи на Република Чешка, г. Алеш Хмелар и со државниот секретар за Европска Унија при Министерството за надворешни работи, Европска Унија и соработка на Кралството Шпанија, Паскуал Наваро.
На средбата со заменик министерот Хмелар беше потврдена принципиелната позиција на Чешка за почеток на преговорите за полноправно членство на Република Северна Македонија со Унијата, како и на целиот Западен Балкан, што ќе биде и висок приоритет на чешкото претседателство со ЕУ.
Маричиќ и Хмелар разговараа и за темите поврзани со билатералната соработка помеѓу двете земји, особено каде што има интерес за унапредување преку размена на искуства во процесот на преговори со ЕУ, како и преку експертска и институционална поддршка.
Вицепремиерот Маричиќ на средбата со државниот секретар Наваро се согласија дека врвен приоритет на Унијата треба да остане интеграцијата на земјите од Западен Балкан, дека е време за лидерство и храбри одлуки и не смее да се пропушти шансата за отпочнување преговори со Северна Македонија и Албанија.
Соговорниците сметаат дека регионот треба да напредува, а не да назадува. Во разговорот посочија дека неизвесноста е сериозна последица со која се соочува целиот континент поради војната во Украина, што треба да се сфати како сериозен сигнал дека Унијата треба територијално да се консолидира и да ја зајакне безбедноста на своите надворешни граници.
Во однос на билатералната соработка помеѓу Северна Македонија и Шпанија, Маричиќ и Наваро разменија мислења во однос на продлабочување на успешната децениска соработка во области кои се од заемен интерес особено на економската соработка, туризмот, културата и образованието, во духот на европските вредности.
На двете средби вицепремиерот Маричиќ ја пренесе пораката дека е неопходно итно отпочнување на преговорите со ЕУ, бидејќи секое одолговлекување на процесот за земјава ќе значи губење време и доверба во Унијата, а во време на кризата предизвикана од конфликтот во Украина, може да значи и сериозен безбедносен ризик за регионот.