Од 54-та седница: Утврден Предлог-законот за потрошувачи кој предвидува санкции за нечесни трговски практики

Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 54-та седница, ги разгледа и утврди Предлог-законот за заштита на потрошувачите по скратена постапка и Информацијата за потребата од изготвување на Закон за нефер трговски практики со цел заштита на правата на потрошувачите.  

Со овие предложени закони, Република Северна Македонија ќе биде првата земја во регионот со востановена законска пракса на нефер трговски практики. Според предложените измени, согласно европските регулативи се обезбедува високо ниво на заштита на правата за потрошувачите и гаранција на полесни услови за деловно работење, и се избегнува  појава на нерамнотежа во преговарачката моќ помеѓу добавувачите и купувачите на земјоделски и прехранбени производи.
 
За повреда на потрошувачките права се предвидува право на надомест на штета, сразмерно намалување на цената и раскинување на договорот, а за трговците следат глоби во износ од 500 до 10.000 евра, во зависност од тоа дали се работи за микро или големи трговци, а во некои случаи се предвидува и забрана за вршење на дејност во траење од три месеци до две години.  
 
Во Собранието ќе биде испратен и денеска усвоениот Предлог на закон за изменување на Законот за извршување на санкции, по скратена постапка. Предложените измени на Законот за извршување на санкциите, се однесуваат на  воспоставување еднаквост на вработените во затворската полиција со најниски примања преку воспоставување на ист износ на законска минимална плата, согласно Законот за изменување на Законот за минималната плата во Република Северна Македонија.  
             
Меѓу другото, на денешната седница на предлог на Министерството за одбрана беше донесена Одлука за испраќање на 31 припадник на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово за период од шест месеци, сметано од август 2022 година, како и Одлука за испраќање на двајца припадници на Армијата на  Република Северна Македонија за учество на вежбата „ANATOLIAN EAGLE 22“ во Република Турција.
 
Исто така, беше донесена и  Одлука за одобрување, влегување и престој на 33 припадници на Командата на Бригадата на Југоисточна Европа - СЕЕБРИГ (SOUTH EAST EUROPE BRIGADE – SEEBRIG), од Република Албанија, Република Бугарија, Република Грција, Република Романија и Република Турција со материјално – технички средства, воени моторни возила и опрема на територијата на Република Северна Македонија, кои заедно со девет припадници на воениот и цивилниот персонал на Армијата на Република Северна Македонија, ќе учествуваат во извршувањето на должностите во Командата на Бригадата на Југоисточна Европа – СЕЕБРИГ.
 
Министрите, денеска го разгледаа и утврдија  Предлог-законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за основање културно-информативни центри во Белград и во Скопје.
 
Со документот се модулира правната рамка со која се уредуваат правата и обврските на двете држави во однос на работа на културните центри.
 
Културните центри, согласно политиката на добрососедство придонесува за популаризација и презентирање на традицијата, културата и уметноста на Република Северна Македонија.
 
Ваквите центри овозможуваат навремено и изворно информирање на граѓаните за актуелните културни текови во двете држави односно претставува мост за зближување и заемно запознавање.
 
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за реализација на проектот за користење услуга за одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик и деца корисници на посебен додаток за лето 2022 година.
 
Притоа, го задолжи Министерството за труд и социјална политика  да донесе Програма за седумдневен одмор на деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток за сезона лето 2022 година, за што ќе биде објавен повик на веб страната на Министерството за труд и социјална политика и во Центрите за социјална работа, по што ќе бидат преземени потребните активности за ефикасна реализација на овој проект.
 
На денешната седница беше усвоена и Информацијата за исплата на пензии за месец јуни 2022 година, со задолжување на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 27.6.2022 година.
 
Со овие препораки деловните банки ќе обезбедат пензионерите да може да располагаат со јунските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 28.6.2021 година.
 
Готовинската исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, банките ја организираат во четири групи според следниот распоред составен според висината на:

  • За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 28.06.2022 година (вторник);
  • За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 29.06.2022 година (среда);
  • За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 30.06.2022 година (четврток), и
  • За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 01.07.2022 година (петок).