Тркалезна маса за високото образование

Министерството за образование и наука и Светска банка во Македонија организираа тркалезна маса за високото образование, со акцент на финансирањето. Во воведното излагање министерот Панче Кралев истакна дека Македонија ги следи меѓународните политики што водат кон конкурентно образование, а тие кон општествен развој.

Посочи на активното учество во Болоњскиот процес, на значително зголемениот број студенти, студиски програми и високообразовни установи во последните години, воведувањето трет циклус, докторски  студии, работата на Националната рамка на квалификации... Сепак, смета дека меѓу најважните реформи во виското образование е наоѓањето најсоодветен модел на финансирање без кој, како што рече, сите други реформи би биле залудни.

- Сите овие реформи ќе бидат попусти ако не бидат проследени со реформа и осовременување на моделот на финансирање на високото образование, што е клучно за успешното функционирање на сите останати сегменти. Поради комплексноста на спроведувањето на оваа реформа, се работи со најголема претпазливост и, засега, најбавно. Врз основа на драгоцените искуства од регионот, Европа и светот, претпочитаме да изградиме сопствен, изворен модел на финансирање кој ќе го отсликува нашиот систем на образование, ќе биде споредлив со останатите системи, но ќе му овозможи на нашето високо образование развој. Тој модел треба, пред се, да сведочи за општествената оправданост на финансирањето на студиските програми од јавен интерес, но и да обезбеди финансирање подобно на постигнувањата. Сето ова ќе резултатира со натпревар на високообразовните установи на полето на квалитетот и услугите..., рече Кралев 

Посочувајќи дека се почесто во светот  приватниот сектор учествува во финансирањето на високото образование, тој истакна дека е потребно јавно финснсирање кое,  рече тој, ќе биде доволно добро за да овозможи привлекување и подлога за финансирање и од другите општествени фактори.

Модератор на тркалезаната маса беше Џамил Салми, кој 25 години е во Светска банка. Во своето предавање посочи примери на држави во светот чиј економски развој е директно поврзан со образовнието. - За да има добра улога, образованието треба да биде добро финансирано, рече Салми.

Примената на модерни технологии и иновативни решенија, како и забрзувањето на креативноста и новите знаења, на пример, ја направиле  Јужна Кореја многу поразвиена земја од Бразил, иако во 1960 година имале слична образовна структура на населението. Посочи дека компанијата „Самсунг“ денес има буџет од 2,3 милијарди долари за истражување и развој.

Салми истакна и дека во земјите во развој е висок процентот (70 до 90) на средношколци кои доаѓаат на универзитет без основни компетенции. Поради тоа, укажа дека образовните системи треба да поттикнуваат и експертска подготовка на младите.