Владата ја укина забраната за откуп на старо железо

Владата на вчерашната седна ја укина забраната за вршење внатрешен промет, откуп и извоз на отпадоци и остатоци на производи од железо, челик, алуминиум, бакар, олово, цинк, калај, бронза и месинг, информира министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми.

Тој на денешната прес-конференција посочи дека за укинување на забраната одлучувачки бил дописот на Стопанската комора на Македонија со кој стопанствениците искажале согласност за примена на предложените мерки на Министерството за ефикасно надминување на причините поради кои беше и донесена забраната.

Министерството за животна средина и просторно планирање предложи зголемување на прекршочната и кривичната одговорност за нелегално постапување и трговија со отпад, забрана за исплата во готово за откупениот отпад од физички лица, обезбедување финансиска гаранција за правните лица кои сакаат да добијат дозвола за постапување со отпад, определување зони за собирање и преработка на отпад, само надвор од населени места, плаќање преку трансакциска сметка...

Владата на 26 март донесе Наредба за забрана за откуп и извоз на старо железо, алуминиум, бакар, олово, цинк, калај, бронза и месинг, поради зголемените кражби на предмети од општа употреба, односно шахти, кабли, граничници на патиштата, шини..., кои се значајни за безбедноста на граѓаните.

- Со кражбите на метални предмети и производи кои се во општа употреба вештачки се создаваат зголемени и неконтролирани количини на отпад, што подразбира оптеретување на животната средина, нарушување на стандардите во управувањето со отпадот, нарушување на здравјето на луѓето и природата, како и загрозување на јавната безбедност на граѓаните. Кражбите би биле сведени на минимум доколку таквите украдени предмети немало кој да ги откупува, истакна Адеми.

Со Наредбата тој смета дека се подигна општествената одговорност кај правните лица кои вршат собирање, преработка и трговија со отпад, но и кај граѓаните.

Адеми нагласи дека сите правни и физички лица се должни да се придржуваат кон стандардите дадени во законите за животна средина и за управување со отпад, кои се општо прифатени стандарди и во Европската Унија. Сите правни лица кои вршат промет, откуп и извоз на отпадоци и остатоци од метали треба да се придржуваат на овие стандарди и законскиот начин на придобивка на отадоците и остатоците од металите, како и да ги поседуваат сите предвидени дозволи согласно законите.

- МЖСПП ќе ја следи состојбата во оваа област и доколку на било кој начин увидиме дека постои непочитување на пропишаните стандарди, спремни сме веднаш да преземеме соодветни мерки, вкучувајќи и враќање на наредбата во сила, рече министерот Адеми.