Попоски: Македонија е подобро подготвена за влез во ЕУ од некои земји-членки

Министерот за надворешни работи Никола Попоски тврди дека Македонија е подобро подготвена да го почне процесот на пристапување кон Европската унија од некои земји кои веќе уживаат во статусот земја-членка на ЕУ. Во опширното интервју за најновиот број на "The Parliament", официјалниот магазин на Европскиот парламент, Попоски посочува дека Македонија, на која и беше доделен кандидатски статус за влез во Унијата во исто време како и на Хрватска во 2005 година - е желна преговорите да се движат напред.

Во интервјуто пласирано на почетните страници на магазинот, Попоски додава дека Македонија е една од најголемите еврофилски земји во Европа. - „Ние навистина сакаме да ги видиме сите од земјите-кандидати и потенцијалните земји-кандидатки како чекорат кон членство во ЕУ", вели Попоски и додава „нашата цел е останатиот дел од Балканот да се најде во европското семејство и фактот дека Хрватска успеа во тоа е силен сигнал дека секој друг може да го стори истото.“

Попоски вели дека македонскиот народ неодамна покажал пад на довербата кон институциите на Европската унија, но дека јавната поддршка за членство во Унијата отсекогаш била околу 85-90 проценти.

- „Македонскиот министер посочува дека треперливата јавна доверба кон ЕУ е поради неоправдано долгиот период во чекалницата на оваа балканска држава како земја-кандидат, што тој смета дека се должи на недостатокот на консензус во Европскиот совет поради грчкото противење“, гласи забелешката на авторот на интервјуто, британскиот новинар Дезмонд Хинтон-Бејлс и продолжува: „Европската комисија неодамна започна високо ниво на пристапен дијалог со Македонија, опишан од страна на Попоски како корисна алатка за да се овозможи Македонија да продолжи со усвојување на законодавството на ЕУ, но дека тоа, сепак, не може да биде замена за пристапниот преговарачки процес.“

Македонија е во долготраен спор со Грција околу името на оваа држава, која Атина смета дека со тоа го крши грчкиот национален идентитет, поради што ги блокира обидите на Скопје да почне пристапни преговори и да добие членство во НАТО, забележува авторот.

Но, според министерот Попоски, и покрај големата фрустрација, македонските граѓани не сакаат да ги судат акциите на Грција, туку само сакаат да им се даде шанса да бидат „активен придонесувач во европското семејство“.

Во многуте ставови во интервјуто изнесени од авторот, меѓу другото се наведува и дека Меѓународниот суд на правдата во декември 2011 година пресудил дека блокадите на Грција се илегални според меѓународното право и ја повика официјална Атина да не го повтори овој вид на однесување. Исто така е наведено дека европскиот комесар за проширување Штефан Филе, неодамна престојуваше во Скопје, како почеток на дијалогот на високо ниво, и изрази загриженост во врска со меѓуетничките тензии по убиство на двајца етнички Албанци во северо-западниот град Гостивар на почетокот на месец март.

- Инаку, оваа блокирана балканска држава избегна граѓанска војна во 2001 година, по оружениот конфликт меѓу албанската Ослободителна национална армија (ОНА) и македонските безбедносни сили. Преговорите меѓу двете страни резултираа со Охридскиот договор со кој беше овозможен прекин на огнот и понуди поголеми етнички права за Албанците во замена за разоружување на ОНА, пишува новинарот Хинтон-Бејлс.

Министерот Попоски истакнува дека „поделба треба да се прави само меѓу оние што го почитуваат владеењето на правото и оние што го кршат законот“, додавајќи дека во случајот македонските институции реагирале на соодветен начин, поради што не е оставен простор етничкиот или религиозниот аргумент да доминира на агендата.

- Ова беше случај со последниот инцидент и претставникот на Комисијата замина од Скопје уверен во капацитетот на нашите институции да се справат со сите предизвици", заклучува Попоски во интервјуто за "The Parliament".