Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска организираше состанок на Националната комисија за следење на имплементацијата на Стратегијата за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2021-2023 со акциски план, на кој присуствуваа и министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за правда Никола Тупанчески.
На состанокот се разговараше за предлог моделите за мотивираност на надлежните институции од продажбата на конфискуваниот имот, со цел да се дојде до најдоброто решение, кое ќе обезбеди ефикасност на постапките за продажба на конфискуваниот имот од кривични постапки.
Вицепремиерката Грковска го повтори ставот на меѓународните организации дека Република Северна Македонија е прва држава во регионот која има Стратегија за за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2021-2023 со акциски план и Национална комисија која активно работи на нејзината имплементација.
„Прашањето околу продажбата на конфискуваниот имот е сериозно и затоа сметам дека е добро да имаме ваков координиран пристап, во кој ќе бидат вклучени сите надлежни институции. Средствата од продажбата на конфискуваниот имот мора да се искористат на одговорен и транспарентен начин. Целта е да дојдеме до применливо, издржано и системско решение кое ќе даде резултати, а се во интерес на граѓаните“, оцени Грковска.
Министерот за финансии Бесими ја поздрави оваа иницијатива и нагласи дека за постигнување на целта мора да имаме системски пристап, добра комуникација и координација меѓу надлежните институции, јасна и прецизна законска регулатива, како и соодветни човечки капацитети. Тој најави дека Министерството за финансии ќе ги разгледа понудените модели и ќе оцени кој модел е најприфатлив.
Министерот за правда Тупанчески нагласи дека треба да ги имаме предвид и најдобрите светски искуства и практики и додаде дека моделите начелно се прифатливи, но мора внимателно да се избере конечното решение.
На денешниот состанок беше утврдена динамика на идни активности поврзани со целите од Акцискиот план на Стратегијата.