Груевски: Намалената референтна каматна стапка сигнал банките да инвестираат во приватниот сектор

 Одлуката на НБРМ за намалување на каматната стапка е сосема јасна и  е сигнал до банките за поголемо инвестирање  во стопанството, односно  во економијата, индустријата, приватниот сектор, изјави денеска премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Клиниката за урологија.

Според Груевски, намалувањето на  референтната каматна стапка доаѓа по неколку укажувања од централната банка  на економските совети што  се одржуваат еднаш неделно за голема ликвидност  на комерцијалните банки, каква што немале долго време.

- Банките имаат огромна ликвидност,  што значи го имаат  доста намалено кредитирањето и ова е еден начин за нивно охрабрување  да ги пренасочат средствата кон економијата, приватниот сектор, да им помогнат во ова тешко време во надминување  на нивните потреби, рече  Груевски.

Тоа истовремено, смета премиерот, е и сигнал оти  Македонија има  здрава и стабилна макроекономска ситуација. Доказ за тоа, наведе, е нивото на девизни резерви кои ги имаме,   фактот што имаме една од најниските стапки на задолженост,  стабилниот денар, релативно ниската  инфлација и редица други макроекономски показатели покажуваат дека Македонија подолг период  има многу стабилна и здрава економска политика без сериозни  ризици  за неа во иднина.

- Во една таква ситуација централната банка  си дозволува  во момент кога има на некој начин сигурност и добро ги држи „дизгините“ на макроекономската состојба да испрати сигнал до комерцијалните банки  дека  е време повеќе да размислат наместо парите повеќе да ги чуваат во благајнички записи  или во некои други државни хартии од вредност да ги пренсочат кон економијата,  приватниот сектор  и кон финансирање нови проекти кои  ќе отвораат нови работни места, изјави Груевски.  

Коментирајќи ја истовремено и ревидираната стапка на  економскиот раст од страна на НБРМ премиерот укажа дека таквата интервенцијата на централната банка е практично сосема мала корекција, приближна на проценката на Владата.

- Владата има проценка за раст од 2,5 отсто, а Централната банка има проценка од 2 проценти. Разликата меѓу Владата и Централната банка е тоа што Централната банка на секои три месеци врши ревидирање зависно од последните показатели, а Владата прави годишни проценки на буџетот  и се обидува да ги антиципира сите движења во текот на целата година. 

Независно кој раст ќе се оствари, тој на Владата или на НБРМ,  во услови на должничка криза во Европа, според Груевски, сепак ќе биде една од повисоките стапки на раст иако тоа не е нешто што треба да не задоволи.Но, нагласи, во вакви услови, во вакво опкружување, во време на рецесија во ЕУ и во цела Европа, кога најголем дел од земјите практично имаат и пониска од оваа проектирана стапка на раст, практично ќе биде добро ако Македонија успее да ги оствари овие стапки од 2 или 2,5 отсто раст. 

Во контекст на тоа, потсети дека поголем дел од земјите оваа година ќе завршат со минусно салдо, односно со намалување на БДП или на нулта состојба или со некое симболично зголемување од 0,5 или максимум до 1 отсто.

- Не треба да заборавиме во ниеден момент дека се наоѓаме во време на позната голема европска должничка криза и во Европа и во ЕУ, а ние како земја чија што економија е поврзана со земјите од ЕУ и со пазарите во цела Европа не можеме во целост да останеме имуни и на некој начин изолирани од тоа што се случува во унијата. Тоа има влијание врз нас. Ние колку и да се трудиме тоа да го намалиме, да го ублажиме тој удар и тоа трудење има и свои резултати, меѓутоа тоа не може комплетно да не влијае, рече Груевски.

Тој појасни дека Македонија не може да оствари 8 отсто раст  во услови кога Европа е во рецесија, а  90 отсто од македонскиот извоз е в е на европскиот пазар. Така што немам посебни забелешки во однос на тоа што Централната банка проектирала 2 отсто, а ние 2,5 отсто. Тоа е многу блиску и да се надеваме дека ќе биде остварено, посочи премиерот.

Според него,  Владата нема можности да дејствува врз економијата во Европа, но постојано со сите можни мерки ќе излегува во пресрет на стопанството.

Прашан дали Владата ќе ја намали акцизата за горивата   каков потег презеле некои соседни земји, премиерот  посочи дека  македонската Влада преземела многу повеќе чекори во подобрување на економските услови и климата за инвестирање и правење бизнис од речиси сите земји во регионот. Некои земји во регионот, забележа, се наоѓаат во избори па тоа има и влијание во нивните економски чекори и тоа можам да го разберам.

-  Меѓутоа Македонија според Светската банка и според многу други релевантни институции е практично најдобро пласирана од сите земји во регионот во однос на добри услови за правење бизнис преку законски проекти, имплементација на тие закони и ние сме на 22. место во светот пред сите земји не само во регионот, туку и во цела Источна Европа и пред 19 земји-членки на ЕУ. Во тој поглед ќе продолжиме со многу мерки со коишто ќе помагаме и на бизнисот и воопшто, изјави Груевски.