Денеска, во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), се одржа прес-конференција во врска со изнесените дезинформации и полувистини објавени во некој од медиумите.
Прес-конференцијата ја водеа раководителот на Секторот за шумарство и ловство на МЗШВ, Саша Јовановиќ и директорот на ЈП „Национални шуми“ Валентин Груевски. Пред присутните претставници на медиумите, на најтранспарантен начин беше изнесена правата вистина за случајот кој осамна под наслов: „Приватна фирма доби државна дозвола за извоз на дрво во време на енергетска криза“.
Во насловот на текстот се добива впечаток дека се работи за привилегија на определена фирма, а не за редовна управна постапка во која секој правен субјект кој ќе ги исполни определените услови, пред се за легално потекло на дрвната маса истиот мора да добие одобрение (а не дозвола како што е назначено во текстот) за извоз на определен вид на дрво односно дрвен сортимент. Во случајот се работи за барање на определена фирма за извоз на опожарена дрвна маса од црн бор, која потекнува од опожарените површини во делчевско од катастрофалните пожари, кои се случија минатата година.
Да потсетиме дека во тие пожари што беснееа околу две недели, изгореа околу 390 000 м3 дрвна маса претежно природни или вештачко подигнати насади од црн бор. Согласно на Закон за шумите корисникот на државните шуми во случајот ЈП „Национални шуми“ има обврска во периодот од две години (значи до 01.08.2023 година) целосно да ја пресече и отстрани сета изгорена дрвна маса, по што би требало да се пошуми по пат на вештачка обнова.
Посочениот правен субјект во текстот на медиумот, до МЗШВ го доставил барањето и потребната документација меѓу која и купопродажен договор со ЈП „Национални шуми“ за купување на 15 000 м3 опожарена техничка дрвна маса од црн бор, по што органот на државна управа од областа на шумарството – Сектор за шумарство и ловство на ден 08.07.2022 година му издал Одобрение за извоз на опожарената техничка дрвна маса со рок на важност на одобрението од 90 дена.
Во тој период, а и до ден денес ниту Владата, ниту друг државен орган нема прогласено енергетска криза. Одлуките за ограничување за извоз на одделни стоки како што се пченица и наполица, брашно од пченица и наполица, како и огревно дрво и други дрвни сортименти, Владата ги донесе покасно, поточно на 22.07.2022 година. По наведената одлука на Владата за ограничување за извоз на одделни стоки со тарифни ознаки за огревно дрво и дрвни сортименти, органот на државна управа од областа на шумарството – Сектор за шумарство и ловство го извести правниот субјект за ставање на надвор од сила на издаденото одобрение. Во периодот на важноста на одобрението правниот субјект извезол опожарена дрвна маса во количина од 24,5 м3. Спротивно на тврдењето на медиумот органот на државна управа од областа на шумарството – Сектор за шумарство и ловство, во изминатите пет години (2018 – 2022) издал не 5, туку 60 одобренија за извоз на огревно дрво и други дрвни сортименти. Сакаме да го потенцираме и следното, неиздавањето на определен управен акт кој по закон или службена должност го издава определен државен орган , а за кој се исполнети законски услови повлекува прекршочна или кривична одговорност.
Во конкретниот случај хронологија на настаните е следнава:
- Одобренија за извоз се издаваат врз основа на поднесено барање од правни лица и соодветна документација како доказ за потеклото на дрвото. Во случајов, наведеното правно лице има доставено комплетна документација, односно приложен е купопродажен договор со ЈП „Национални шуми“, врз чија основа МЗШВ му издаде одобрение за извоз на вкупна количина од 15.000м3 техничко дрво кое е опожарено.
- Одобрението за извоз на техничка опожарена дрвна маса на фирмата, којашто е посочена во текстот, е издадено на 08 јули 2022 со рок на важност до 06 октомври 2022 година, на количина од 15.000 м3, а извоз е извршен на само 24.5 м3. Одобренијата за извоз на огревно дрво и други производи од дрво се со рок на важност од 90 дена, но во конкретниот случај важноста на Одобрението е прекинта на 22.07.2022 г. со донесување на Одлуката за ограничување на извоз на огревно дрво и други дрвни сортименти.
- Во моментот на издавање на одобрението Владата на РСМ се уште немаше донесено одлука за ограничување на извоз на огревно дрво и други производи од дрво. Одлуката е донесена на 22 јули 2022 година („Службен весник на Република северна Македонија“ бр.166 од 22.07.2022 година). Во моментот на донесување на Одлуката за ограничување на извозот, престанува важноста на издаденото Одобрение за извоз.
- Во тек на месец август 2021 година Беровско-Пехчевско-Делчевски регион беше зафатен со шумски пожари од катастрофални размери со вкупно причинета штета од 390.000 м3 опожарена дрвна маса, претежно црнборови шуми и шумски култури, со кои стопанисува ЈП „Национални шуми“., Субјектите кои стопанисуваат со државните шуми, согласно Законот за шумите, имаат обврска во рок од две години да ја посечат и отстранат опожарената дрвна маса поради санација на опожарените површини, што значи, да се превенира размножување на каламитети на штетни инсекти, габи и болести кои би се пренеле и на околните шуми и дополнително би се направиле штети врз шумските комплекси.
- Бидејќи станува збор за многу голема количина на опожарена дрвна маса, ЈП „Национални шуми“ има склучено купопродажни договори со повеќе правни лица за околу 150.000 м3 опожарена дрвна маса, со цел навремено да биде посечена и отстранета од опожарените површини и да не дојде до појава на наведените штетни последици.
- Продажба на ваква опожарена дрвна маса која е со максимално намален квалитет е во интерес на ЈП НАЦИОНАЛНИ ШУМИ, но секако и на државата бидејќи што повеќе одминува времето, така се повеќе се намалува квалитетот и вредноста на дрвото и неговата можност за било каква употреба.
Од се погоре наведено, јасно е дека ниту Министерството, ниту ЈП „Национални шуми“, немаат направено никакво прекршување на закон.
Го повикуваме медиумот кој се обиде да пласира невистини и со тоа предизвика нарушување на угледот на министерството и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, јавно да се извини и да го објави нашето образложение за вистината.