Алиу: Нови лекови на позитивната листа и вработување на уште 300 специјализанти

Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани,

Ми претставува чест да ви се обратам по повод одбележување една година од работата на Владата,  година во која беа отворени важни процеси во повеќе сектори. Како министер за здравство, сум дел од овој состав нешто повеќе од еден месец, но и тој временски период беше доволен да започнам со поставување на основи за системски пристап, базиран на податоци, дигитални решенија и управување што носи резултати.

Здравството не може да се менаџира со инерција. Потребна е логика, процесна дисциплина и јасен алгоритам на одлучување, нешта кои се природни за инженерскиот приод, но неопходни и во здравствениот систем. Дигитализацијата не е замена за одговорноста, туку алатка за нејзино мерење, следење и унапредување.

Но, ниту еден систем, без оглед колку е технички совршен, не може да функционира ако е прекината најважната врска, а тоа е довербата меѓу лекарот и пациентот. Тоа е ткивото што го држи здравството живо. Без тој однос и најдобрата технологија и најголемите инвестиции ја губат својата смисла. Затоа, кога зборуваме за реформи, не започнуваме од технологија, туку од луѓето што се срцето на системот. Тие заслужуваат поддршка што не е само декларативна, туку конкретна и видлива.

Како Влада реализиравме значајно зголемување на платите на здравствените работници, и тоа во износ од 4.815 денари нето за сите здравствени работници. За медицинските сестри ова зголемување изнесува 6.200 денари. Оваа мерка значи суштинско вреднување на трудот на медицинскиот персонал, како и дополнителна мотивација и стимулација да останат во државата и да го дадат својот стручен придонес за зајакнување на нашиот здравствен систем.

Успешно го решивме долгогодишниот недефиниран статус на приватните специјализанти. Врз основа на донесената одлука на Влада за вработување 600 приватни специјализанти (300+300), веќе привршува реализацијата на првата фаза и во најголем дел од установите е завршена процедурата за вработување 300 млади специјализанти во јавните здравствени установи во државата. Веќе ја почнавме реализацијата и на втората фаза за следните 300 специјализанти, минатата недела на веб страната на Министерството беше објавен повикот за изразување интерес на специјализантите за вработување.

Но вистинскиот успех не е само во бројката на вработувања, туку во пораката што ја испраќаме: дека младите лекари не се оставени сами. Дека системот може и мора да застане зад нив кога одлучуваат одговорно, етички и стручно.

Стојам и ќе стојам зад секој здравствен работник кој одлучува со знаење, совест и грижа. Целта е да создадеме систем во кој одговорноста нема да биде товар, туку израз на доверба во сопствената стручност и во поддршката што доаѓа од институциите.

Таа поддршка не е само во ставот, туку и во секојдневните одлуки што го подобруваат пристапот до терапија, лекови и медицинска нега.

Првпат после повеќе од 10 години е ажурирана позитивната листа на лекови, за 9 нови генерички лекови, односно 87 лека во различни форми.

Но, подеднакво важно како пристапот до терапија е и пристапот до самата институција. Реформите не значат ништо ако граѓанинот не може да се доближи до системот и да биде слушнат.

Во овој прв месец од мојот мандат, институцијата ја доближивме до граѓаните. Кабинетот на министерот не остана само затворена врата со табличка, туку станува алатка за директна комуникација и слух. Отворивме и дигитална алатка за пријавување неправилности, затоа што верувам дека  граѓанинот има право на одговор, а институцијата има обврска да реагира.

Продолжуваме активно да се залагаме за инфраструктурно унапредување на јавните здравствени установи, а во продолжение ќе споменам само дел од инфраструктурните проекти:

- На Клиника за гинекологија во тек е комплетна реконструкција на лаборатории, амбуланти и специјалистички кабинети. Реконструкцијата е во износ од 29 милиони, се очекува да биде завршена до крајот на годината.

- Отпочната е комплетна и темелна реконструкција на КАРИЛ која е прва од овој тип досега од основањето на Клиничкиот центар,

- На Инфективната клиника е извршено комплетно реновирање на првиот кат со интензивна нега – инвестиција во вредност од 1,5 милиони евра.

- На Хируршките клиники пуштена е во употреба новата компресорска станица со три компресори.

- Извршено е целосно реновирање на Универзитетската клиника за психијатрија, реконструкција на Клиничка болница Тетово, реконструирани повеќе одделенија во Општа болница Гостивар.

- Жителите од општина Илинден, по речиси половина век добиваат нова поликлиника, која ќе обезбедува здравствени услуги за над 30.000 жители.

-Во наредниот период ќе бидеме фокусирани и на реконструкцијата на Градската општа болница „8 Септември“.

Инвестирањето во болничката инфраструктура не се однесува само на операционите сали или медицинската опрема. Подеднакво важно е и сè она што ја прави здравствената установа достапна, функционална и достоинствена од самиот влез.

Почнавме процес кој ќе резултира со функционално решение на паркингот на Клиничкиот центар, затоа што болниците треба да бидат места на грижа, не на фрустрација уште од влезната рампа.

Во континуитет ги осовременуваме јавните здравствени установи со нова медицинска опрема, меѓу кои во хируршка клиника „Св. Наум Охридски“, во општите болници Велес и Прилеп, Клиника за очни болести, Општа болница Гостивар, Клиника за дигестивна хирургија. Во поликлиника Идадија нов апарат за магнетна резонанца со кој овозможуваме поголема достапност за пациентите до потребните дијагностичките процедури.

Исто така, континуирано работиме на воведување новини во областа на трансплантација, а особено зајакнување на знаењата и вештините на кадарот, следење на современите европски трендови и воведување нови методи во трансплантологијата.

Здравството не е само наука и техника, тоа е и грижа, солидарност и одговорност кон оние кои се најранливи. Токму кога сме соочени со болка, системот покажува дека знае да реагира не само клинички, туку и човечки.

По трагичниот настан во Кочани, не застанавме на сочувството. Започнавме постапка за изградба на модерен и иновативен центар за развивање креативни идеи кој ќе биде посветен на младите, на психосоцијалната поддршка и на заедницата.

Почитувани,

Ова се само дел од проектите и мерките кои Владата и Министерството за здравство ги реализираа изминатиот период. Продолжуваме посветено да работиме на унапредување на здравствениот систем и на креирање активно здравство.

Нашата визија за активно здравство е систем што однапред планира, ги решава проблемите и ги мери резултатите.

Затоа во тек се процеси на градење на активно и дигитално здравство наместо бирократско функционирање.

Дигитализацијата не е технолошки луксуз, туку предуслов за правично, ефикасно и отчетно здравство. Затоа започнавме со подготовка за измена на 12 основни закони од здравствениот систем. Секој закон ќе биде третиран од посебна експертска работна група, затоа што модерно здравство не се гради со импровизации, туку со прецизни, системски правила.

Здравствениот систем не може да се води со претпоставки. Затоа започнавме и со мапирање на состојбите, реална проценка на капацитетите, потребите и празнините. Времето на одлучување „од око“ завршува, иднината е здравство што одлучува врз основа на податоци, не врз навика.

Министерството за здравство веќе активно работи на системот базиран на петте столбa, со цел да го трансформираме здравството во стабилен и политички независен здравствен систем, а посебен фокус ставаме на дигитализацијата како темел на здравствен систем базиран на реални податоци.

Градиме систем како што се гради алгоритам, со точно дефинирани влезови, процеси и резултати. Во тој алгоритам, граѓанинот е на излезот, а човечката грижа е во јадрото. Процесите што ги започнавме нема да останат декларативни, тие се дизајнирани да се засилуваат во динамика и да даваат мерливи резултати.

Продолжуваме со поддршка од Владата заеднички да ги спроведуваме новите мерки и реформи во областа на здравството.

Почитувани,

Не го градиме системот за министрите, туку за луѓето. Нашата работа нема почеток и крај во календарот, почнува со секој граѓанин што чека преглед, со секој лекар што бара услови и продолжува сè додека не изградиме здравство што работи без оглед кој е на функција.