Катарска делегација во инвестициска мисија во Македонија

Бројна катарска бизнис делегација од денеска пристигна во Македонија за да ги испита можностите за инвестиции. Претставници на повеќе компании, како „Катар петролеум“,  „Катар диар“, Катар холдинг“, претставени на различни нивоа, менаџери и советници, ... од утре на официјални средби ќе ги анализираат проектите за инвестирање што ќе ги претстави македонската страна.

Според премиерот Никола Груевски, катарските претставници треба да извршат проценка  со оглед дека политичкиот сигнал за инвестирање на Катар во Македонија е пратен.

- Тие сега треба  да извршат проценка бидејќи политичкиот сигнал е пратен. Премиерот на Катар, емирот на Катар, испратија јасен политички сигнал дека државата Катар сака да инвестира во Македонија и сега треба да се најдат профитабилни проекти. Тие обично бараат покрупни проекти, а од таа гледна точка ние сме подготвени, изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Геронтолошкиот завод во Скопје.

Кога и како би инвестирале во Македонија, истакна, ќе зависи од нив и веројатно, како што рече, извесен период откако ќе се вратат во Катар ќе анализираат и ќе донесат одлуки дали и каде би инвестирале по мисијата што ќе ја имаат  во државава.

Во изминатите недели, информира Груевски, имало поединечни посети на бизнисмени од Индија, а најавени се посети и од други.