Груевски: Независно од победникот на изборите во Грција ќе продолжиме со добри политики
Македонија ќе продолжи да гради добри политики со Грција и независно од опцијата која ќе победи на изборите ќе се обидеме да ги придвижиме работите кон подобро и кон решение на прашањето за името.
Тоа го истакна денеска премиерот Никола Груевски, зборувајќи за очекувањата на регионален план и градењето добрососедски политики по изборите во Србија и во Грција.
Според Груевски, треба да победат тие за кои граѓаните на државите во кои се гласа ќе оценат дека моментно се најдобра опција. Кого и да изберат граѓаните, најави, ќе се обидеме и понатаму да имаме добри односи со нив и да градиме добри политики.
- Особено овде станува збор за Грција бидејќи имаме сериозен проблем со нив, со прашањето кое не оптоварува и блокира 21 година. Посебно со таа држава кој и да дојде на власт ќе се обидеме да ги придвижиме работите кон подобро и кон решение на прашањето кое ги оптоварува и двете земји, се разбира нас повеќе затоа што ние сме блокирани, но се разбира не и е сеисто и на Грција да носи таков товар пред Европа и светот со години наназад, изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Геронтолошкиот завод во Скопје.