Геронтолошкиот завод ќе се реконструира со 50 милиони денари

Следната недела ќе почне темелна реконструкција на Геронтолошкиот  завод, во која ќе бидат вложени  50 милиони денари.

- Оценивме дека оваа институција треба да биде реконструирана, со оглед дека во изминатите 31 година, од нејзината изградба во 1981 година, не е реновирана ниту еднаш. Во неа се наоѓаат  повозрасни лица, кои се изнемоштени и болни и на кои најмногу  им е потребна помош и сигурно   подобри услови од овие  што се сега, изјави  премиерот Никола Груевски при посетата на Георнтолошкиот зваод, придружуван од министерот за здравство Никола Тодоров.

Груевски информира дека  вкупната вредност на градежните работи изнесува 49.557.659 денари или 805.000 евра, а реконструкцијата да заврши за осум до девет месеци.

Станува збор за темелна реконструкција на се што треба внатре да се обнови, почнувајќи од вратите, прзорци, подови,  кујна, тоалети, подруми, односно   комплетно реновирање и создавање подобри услови за луѓето кои  престојуваат  тука, истакна Груевски.

Тој посочи дека реконструкцијата  е дел од  големиот  владин проект во износ од 100 милиони евра, со кој се врши реконструкција на над 50 јавни  здравствени установи, некои се  градат од темел, а некои се реконструираат.  

Со реконструкцијата треба да се добијат измени во содржините, нивна нова реорганизација  со потребна квадратура за адаптација на стационарниот дел. Таму се предвидува да има двокреветни и четворокреветни соби со сопствени санитарни јазли, со што се зголемува стандардот и интимноста на лицата кои се лекуваат во Заводот.

Реконструкцијата ќе се изведува во стационарниот дел и тоа на приземје, прв, втор и трет кат, со реновирање на кујната во подрумот, со вкупна површина од 4.100 метри квадратни. 

Ќе  се уриваат стари и  ќе се градат нови преградни ѕидови, ќе се поставуваат нови подови, ќе има промена на внатрешните врати, а постојната столарија ќе се замени со нова од квалитетни алуминиумски профили. Се најавува и реконструкција на санитарните јазли на приземје, први, втори и трети кат, а ќе следи и комплетно реновирање на системот за водовод, канализација и нови санитарии, а ќе се изведува и надворешна канализација.

Кујната во подрумот треба да се адаптира и реорганизира според технолошкиот процес и капацитетот на оброците. Новопроектираната состојба на кујната го задоволува HACCP стандардот за ваков тип на објекти. Во магацинскиот дел од подрумот се предвидуваат скали и вертикален транспортер за намирници – платформа, со цел да се одвои чистиот дел од отпадот.