Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска имаше работна средба со Марија Ристеска и Александар Цеков од Центарот за истражување и креирање политики, на која разговараа за продлабочување на меѓусебната соработка, особено во делот на креирање политики на добро управување и безбедност.
Вицепремиерката Грковска информираше дека Кабинетот одржува редовни координативни средби на месечно ниво со граѓански организации и има тесна соработка со невладиниот сектор, зашто партнерскиот однос со нив е клучен при креирањето на идните политики.
На средбата претставниците на граѓанската организација ја запознаа вицепремиерката Грковска со регионалниот проект „СМАРТ Балкан - Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан“, кој во Република Северна Македонија и во Србија се имплементира од страна на Центарот за истражување и креирање политики. Со проектот се обезбедуваат грантови за шест држави од регионот, а целта е да се зајакне партиципативната демократија преку градење на капацитетите на граѓанските организации за поефикасно вклучување во процесот на креирање политики.
На состанокот беше разговарано и за севкупните активности на Кабинетот поврзани со антикорупциските политики и дигитализацијата на процесите во државни институции при што двете страни изразија подготвеност соработката да продолжи во сите приоритетни области.