Воената полиција го одбележа Денот на полицијата во скопската касарана „Илинден“

Баталјонот на Воена  полиција (бнВП) денеска во скопската касарна „Илинден“ го одбележа 7 Мај - Денот на единицата и на полицијата и безбедноста.

На свеченоста присутни беа министерот за одбрана Фатмир Бесими, началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК) бригаден генерал Методија Величковски и други гости.

Оваа единица, потенцира минситерот Бесими, која е исклучителна важна во составот на АРМ, го дава својот придонес во рамки на поставените задачи во Република Македонија, но и во меѓународните мировни мисии.

- АРМ продолжува со својот придонес во меѓународните мисии за обезбедување стабилност и мир на светско ниво, во рамки на иницијативите на НАТО, ЕУ и ОН, изјави Бесими по свеченоста.

Командантот на бнВП потполковник Чедо Јакимовски по овој повод нагласи дека единицата е достоен претставник во земјава и во светот и секојдневно се потврдува преку беспрекорно извршување на многубројните задачи од мисијата на единицата. Тој истакна дека и во наредниот период пред бнВП претстојат важни и одговорни задачи, како што е оценувањето на декларираната единица според стандардите на НАТО, секојдневните задачи во Република Македонија, мисијата во Авганистан, како и претстојното преструктуирање на единицата.

Баталјонот на воена полиција е формиран со Указ на претседателот на Република Македонија на 15 април 1992 година и поголемиот период функционираше како самостојна единица на ГШ на АРМ. Денес, бнВП се наоѓа во формацискиот состав на ЗОК, со целосно трансформирана структура и висок степен на компатибилност и интероперабилност со вакви единици во НАТО, заради што за припадниците на бнВП, важат посебни критериуми за селекција, слични на оние кои се пропишани за специјалните единици.

Основната мисија на бнВП е обезбедување на објектите на МО, ГШ на АРМ и командите на единиците на АРМ, обезбедување на личности и делегации, како и командни места и објекти од особено значење на бојното поле во услови на  изведување на борбени дејства. Една од редовните задачите на оваа единица е контрола на воениот сообраќај и увид во сообраќајни незгоди при учество на воени моторни возила, како и откривање, пронаоѓање и спроведување на припадници на МО и АРМ, кои извршиле криминално дело. Како резултат на достигнатата интероперативност, декларираните сили од составот на бнВП успешно ги совладаа сите фази на оценување согласно Концептот на НАТО, а пред две години еден негов вод заедно со припадниците на полкот за специјални операции, беше дел од наменските сили „Феникс“ во мисијата ИСАФ во Авганистан.