Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска организираше Тркалезна маса на тема „(Зло) Употреба на институтот спогодување за вина и признание “, на која учествуваше министерот за правда Никола Тупанчески, како и судии, јавни обвинители, адвокати, универзитетски професори и претставници на граѓански организации.
На расправата вицепремиерката Грковска ја нагласи потреба во јавноста да се отвори прашањето за институтот спогодување за вина и признание, институт кој повеќе години постои во нашиот правен систем, но последниов период предизвика сериозно внимание во јавноста.
„Нема да бидам политички коректна, ја споделувам разочараноста со граѓаните кои со право очекуваат правдата да биде еднаква за сите, без разлика дали се сиромашни или богати, дали се политичари или бизнисмени кои што сметаат дека со пари може да се купи сé. Мојата филозофија на работење е дека сите ние ја споделуваме одговорноста за состојбите во државата, секој во својата област. Независноста на институциите, која доаѓа од законите и Уставот треба да биде дополнителна одговорност, а не да се користи како параван за самоволие, без да се води грижа како тоа ќе се рефлектира на целото општество. Уште повеќе сум загрижена како ваквите пораки влијаат врз младите и како тие го доживуваат ваквото однесување“, кажа Грковска.
Учесниците на расправата ја поздравија иницијативата на вицепремиерката Грковска јавно да се отвори прашањето за употребата на институтот спогодување, кој во нашето законодавство е имплементиран по препорака на Советот на Европа. Беше констатирано дека не може да се каже дека од досегашната примена сите искуства се негативни, но како што нагласија дел од говорниците, општата перцепција е дека има одредени злоупотреби.
Дел од учесниците нагласија дека главната максима на правдата е таа да не биде само изречена, туку да биде видлива, да биде препознаена од широката јавност. И дека е погрешно кога таквите одлуки се правдаат со изреката дека сé е по закон. Потенцираа дека одлуките мора да бидат добро образложени зашто во спротивно го уриваат интегритетот на правосудниот систем, не само на судството.
Како главен хендикеп, говорниците ја посочија слабата транспарентност при носењето на ваквите одлуки. Дел од учесниците побараа спогодбите да не може да се применуваат при тешки кривични дела. Беа дадени забелешки и дека во Законот за кривична постапка не се наведени делата за кои овој институт не може да се применува, како и за тоа дека нема рокови до кога може да се изрече, пред да се поднесе обвинение.
На конференцијата воведно обраќање имаше и министерот за правда Никола Тупанчески, кој најави дека забелешките од расправата ќе бидат земени предвид од страна на работната група, која во Министерството за правда веќе работи на измени на Законот за кривична постапка.