На предлог на Министерството за економија на денешната 80-та седница, Владата донесе Одлука за посебни услови за трговија на одделна стока, според која се определува највисоката трговска маржа како посебен услов во трговијата на пазарот со електрична енергија.
Како што денеска на прес-конференција информираше министерот за економија Крешник Бектеши, највисоката трговска маржа на електричната енергија за сите трговски друштва и трговци поединци кои вршат трговија на пазарот со електрична енергија на големо и на мало се утврдува во висина најмногу до 10%.
„Трговската маржа за учесниците на пазарот на електрична енергија ќе се пресметува на просечната цена на електрична енергија за МWh од Унгарската берза за електрична енергија (HUPX) на дневно односно часовно ниво, на цената на електрична енергија за МWh во билатералните договори и цената на електрична енергија за МWh во договорите за снабдување со електрична енергија. А оваа одлука ќе се применува до 15 април следната година“ кажа министерот.
Според Бектеши одлуката се донесува за да се заштити од нарушување на домашниот пазар заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки и на предлог на Министерството за економија потребно е да започне да се применува пред отпочнување на грејната сезона од 15 октомври.
„Оваа мерка ја носиме со цел да им излеземе во пресрет на компаниите кои што се на слободниот пазар, но и иституции од централна власт, претпријатија од локалната власт и училишта и други кои се околу 1500 субјекти“ кажа министерот.
Бектеши исто така информираше и за одлуката која што ја донесе Регулаторната комисија со која се намалува маржата која што ја пресметува крајниот снабдувач за субјектите кои немаат склучено договор со снабдувач.
„Регулаторната комисија за енергетика направи измена на Правилникот за снабдување со електрична енергија во краен случај каде што е намалена маржата која ја пресметува крајниот снабдувач од 50% на 20%“, кажа Бектеши.
Министерот појасни дека има одредени компании и јавни институции, средни и основни училишта кои немаат склучено никаков договор за снабдување со електрична енергија и купуваат електрична енергија од снабдувач во краен случај, во случајот ЕВН со непотребно прават трошоци и штета на сметка на буџетот на институциите со кои раководат и плаќаат многу поскапа цена на електрична енергија која се премсетува според Унгарската берза.
Ги повика истите да склучат договори се со цел да не се прави дополнителен притисок врз електроенергетскиот систем и секако врз државниот буџет.
Според одлуката на Владата пазарот на електрична енергија на големо вклучува: пазар со билатерални договори, организиран пазар и тоа пазар ден однапред и пазар во тековниот ден, и пазар на балансна енергија.
Учесници на пазарот на електрична енергија на големо се: производителите на електрична енергија, трговците со електрична енергија, снабдувачите со електрична енергија, потрошувачите на електрична енергија што ги исполнуваат условите за самостојно учество на пазарот пропишани во правилата за пазар на електрична енергија, операторот на електропреносниот систем, операторот на електродистрибутивниот систем, операторот на затворениот електродистрибутивен систем и операторот на пазар на електрична енергија.