На предлог на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, Владата на Република Северна Македонија на денешната 82-ра седница донесе одлука за основање на Национален совет за дигитална трансформација на општеството.
Со Советот ќе претседава заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за политики за добро владеење, а како членови ќе бидат вклучени министерот за информатичко општество и администрација, министерот за внатрешни работи, министерот за финансии, министерот за одбрана, директорот на Агенцијата за електронски комуникации, како и претставници од Собранието на Република Северна Македонија, од бизнис секторот, од банкарскиот сектор и од локалната самоуправа.
Целта на формирањето на Националниот совет за дигитална трансформација на општеството е планирање, координирање и реализација на активностите потребни за дигитализација на процесите како и ефикасно справување со предизвиците што таа ги носи.
Советот, меѓу другото, во својот делокруг на работа ќе планира и предлага иницијативи и оперативни планови за дигитална трансформација на општеството, ќе учествува во изготвување на предлог-план за оптимизација на внатрешните процеси, ќе дава предлог мислења, совети за редизајнирање на административните постапки, поедноставување на електронски услуги кон граѓаните и бизнис услугите, ќе воспоставува рамка за стандардизација на државните системи, ќе учествува во градење на капацитети за заштита на државните системи итн.
Дигиталната трансформација на општеството е еден од стратешките приоритети на Владата, која ја препознава потребата од дигитализацијата како предуслов за брз економски напредок и развој, што во исто време е и потреба и на бизнис секторот. Дигитализацијата е неопходна за брз економски раст и напредок на секоја компанија, процесот подразбира употреба на дигиталната технологија за промена на бизнис-моделите и зголемување на конкурентноста на пазарот.