„Џонсон Мети“ гради нова фабрика во Бунарџик, вредна 60 милиони евра

Британската компанија „Џонсон Мети“ денеска ја почна изградбата на втората фабрика во Македонија вредна 60 милиони евра која двојно ќе го зголеми производството и ќе отвори дополнителни 100 работни места. Инвестицијата ќе се реализира во наредните две години.

- „Џонсон Мети“ е втората голема странска компанија која се решава за реинвестиција во Република Македонија. Тоа зборува за сигурност, за задоволство, за просперитет. Кога некоја компанија реинвестира во Македонија тоа значи дека е задоволна од почетната инвестиција, дека е задоволна од условите за работа, од комуникацијата со властите и од сите останати параметри што се потребни за добар бизнис, рече премиерот Никола Груевски, обраќајќи се пред присутните на денешното поставување на камен-темелникот на „Џонсон Мети“ во ТИРЗ Скопје.

Премиерот потенцира дека политиките на Владата и натаму остануваат да се потпираат на принципот на стратешко партнерство со бизнис секторот и странските компании во земјата, дека продолжува со стратегијата за подобрување на условите за водење бизнис во Македонија, како и интензивната промоција на земјата како атрактивна бизнис дестинација што, како што додаде, во изминативе неколку месеци дава особено добри резултати прегу зголемениот интерес на многу компани за инвестирање.

Според него, таквите резултати се гледаат и на терен, а пример за тоа е ТИРЗ во Скопје.

- Доколку пред шест години тука имаше само голема ливада денес тука е фабриката на „Џонсон контролс“, фабриката на „Џонсон Мети“, речиси готови се фабриките на „Технохозе“, на „Кемет електроникс“, фабриката на „Протек груп“, неколку други објекти се во фаза на градба, а за неколку други инвесстиции се прават соодветни подготовки. Ваквите трендови се забележуваат и кај другите технолошко-индустриски зони во земјава, што зборува дека работите се движат во позитивен правец, истакна премиерот Груевски.

Директорот на Дирекцијата за технолошко-развојни зони Виктор Мизо, рече дека новата инвестиција на „Џонсон Мети“ е потврда дека во Македонија има плодна почва за водење бизнис.

Со новата фабрика, посочи Мизо, „Џонсон Мети“ станува најголема гринфилд инвестиција со над 120 милиони евра и 500 вработени.

- „Џонсон Мети“ е присутен во земјава од 2010 година и од тогаш има произведено шест милиони катализатори по светски стандарди и е извозник број еден од Македонија, рече директорот за еколошки стандарди во „Џонсон Мети“ Лари Пентц.

Тој додаде дека инвестицијата ќе се реализира во наредните две години. Експанзијата доаѓа како одговор на рапидно зголемената побарувачка за пософистицирани и покомплексни катализатори. Потребата од нив е резултат на построгите европски законски прописи за контрола на исфрлањето на издувните гасови што ќе стапат во сила во следните неколу години. Британската компанија задоволува една третина од потребите на светскиот пазар со катализатори за лесни и тешки товарни возила.

Според британскиот амбасадор во земјава Кристофер Ивон, соработката на „Џонсон Мети“ е пример како може да се одвива соработка меѓу Македонија и Британија и е пример кој треба да го следат и другите компании.