Тодоров: За снимање на магнетна резонанца и компјутерска томографија нема да се чека подолго од три дена

За снимање на магнетна резонанца и компјутерска томографија на Клиниката за радиологија, во Градската општа болница „8 Септември“ и на хируршката клиника „Св.Наум Охридски“ во Скопје (поранешна Градска болница), пациентите до крајот на годинава нема да чекаат повеќе од три дена од времето на закажување до времето на снимање.

Ова е една од мерките кои се преземаат поради долгото време на чекање за овие дијагностички процедури во овие ЈЗУ, а кои денеска на прес-конференција ги презентираше министерот за здравство Никола Тодоров, по 10-дневното активно работење  на Министерството на унапредување на процесот на закажување и на обврзување на време за закажување на конкретни прегледи.

За овие  снимања моментално се чека од 30 – 75 дена во зависност од здравствената установа.

- Направивме три тима кои беа испратени во три здравствени установи - Клиника за радиологија, Градска општа болница „8 Септември“ и хируршката клиника „Св.Наум Охридски“ во Скопје (поранешна Градска болница), кои го мереа времето на закажување односно продуктивноста она работењето на овие установи. Врз основа на добиените податоци се изготвени неколку мерки, истакна Тодоров.

Тој посочи дека првата мерка се однесува на контролиран внес на податоци односно се определени мининален број денови, интервенции по ден. Едноставно кажано, укажа Тодоров, нема да може компјутерски да се отвори нов ден за закажување се додека не се пополни тековиот ден.

- Втора мерка е постепено зголемување на бројот на прегледи. Од 15 мај за магнетна резонанца да има по 15 закажувања за снимање на дневна основа, од 1 август по 17 снимања, од 1 септември - 20 снимања, а од 1 ноември да има 25 закажувања на дневна основа. За компјутерска томографија од 15 мај да има 25 закажувања на дневна основа, од 1 август-27, од 1 септември-30, а од 1 ноември - 35 снимања на дневна основа, посочи Тодоров.

Според третата мерка, предвидени се осум вработувања во Градската општа болница „8 Септември“ и четири во хируршката клиника „Св.Наум Охридски“.

Покрај оваа, Тодоров најави и мерка која се однесува на работење во сабота и во недела во овие три здравствени установи. Ќе се работат, рече тој, два викенди месечно почнувајќи од 1 септември, кои ќе бидат платени.

- За магнетна резонанца има 1.900 заостанати снимања односно 1.900 луѓе кои чекаат да бидат снимани во овие три здравствени установи. Месечно има нови 2.100 пациенти за снимање. Месечно се снимаат 2.000 пациенти, што значи дека секој месец има по 100 заостанати снимања. Ако вака продолжевме за една година ќе имавме дополнителни 1.200 пациенти за снимање што е 60 проценти зголемување на веќе постојните листи на чекање, истакна Тодоров.

Тој укажа дека ќе пристапат и кон уште една мерка која се однесува на динамичко прелевање на пациентите.

- Секогаш кога ќе се утврди дека некоја здравствена установа заостанува во однос на снимање на магнетна резонанца и компјутерска томографија, пациентите ќе може да се прелеваат  во една од другите две здравствени установи. Почнуваме со овие две дијагностички процедури бидејќи има најдолго време на чекање, но во наредниот период ќе продолжиме со иста ваква пракса за сите останати прегледи, додаде Тодоров.