Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за емисијата „360 Степени“ на Алсат ТВ, истакна дека Владата работи да обезбеди финансирање на државата по најповолни услови. Претседателот на Владата Ковачевски истакна дека имаме обезбедено финансирање од „Дојче Банка“, од „Ерсте Банка“ и додаде дека од исклучителна важност е тоа што успеавме да постигнеме договор со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), со кој како држава имаме на располагање 530 милиони евра.
Во таа насока премиерот Ковачевски, истакна дека посетата на Абу Даби, е во насока на остварување директни средби со највисоки раководства на инвестициски фондови.
„Во Абу Даби, имаме закажано состаноци со четири инвестициски фондови, од коишто едниот е инвестициски фонд којшто инвестира во меѓународни финансии и таму сакаме да ја презентираме нашата можна еврообврзница за идната година. Целта е да обезбедиме каматни услови за финансирање на државата по поповолни услови од она што во моментов го има на мултилатералните финансиски пазари. Само за споредба, доколку го земеме целото задолжување коешто сме го направиле во текот на оваа година, ние префрливме депозити од 250 милиони евра од минатата година за оваа, а обично се префрлаат 100 милиони евра, меѓутоа со Министерството за финансии оценивме дека ова ќе биде исклучително кризна година и затоа го зголемивме тој депозит, кој е со каматни стапки коишто се под каматните стапки кои во моментов ги има на финансиските пазари“, рече премиерот Ковачевски и дополни дека веќе неколку месеци се работи на закажување на состаноци во Абу Даби со сериозни инвестициски фондови.
Премиерот Ковачевски, подвлече дека државата го заокружи целокупното финансирање на Буџетот за годинава, со над 40 милиони евра заштеда како резултат на претпазливото управување со должничкото портфолио во услови на криза и глобалниот раст на каматните стапки.
Премиерот Ковачевски рече дека од почетокот на кризата, Владата работи на поповолни услови за финансирање на Буџетот, подобри во однос на оние што би ги добиле доколку издадевме еврообврзница. Појасни дека доколку издадевме еврообврзница, каматната стапка ќе се движеше околу 8 - 8,5%, а Владата и ресорното министерство оцени дека условите не се поволни и затоа не се излезе со еврообврзница.
„Тоа значи дека сме заштедиле за оваа година 40 милиони евра, а во наредните седум години, 280 милиони евра. Тоа беа темите на коишто опозицијата нè напаѓаше од почетокот на годината, дека немаме аранжман со ММФ, дека не сме издале еврообврзница, меѓутоа кога веќе доаѓаме кај четвртиот квартал гледаме дека се обезбедени сите финансиски средства, дека и за идната година обезбедуваме финансиски средства, и дека притоа сме заштедиле на државата 40 милиони евра само на камата за една година“, рече премиерот Ковачевски и дополни дека нашата држава што се потврдува и низ извештајот на ММФ, има здрави економски политики, здрав фискален и монетарен систем и управување со истите.