Премиерот Груевски се сретна со управната директорка на Светска банка, Шри Мулјани Индравати

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (9 мај 2012 година) оствари средба со г-ѓа Шри Мулјани Индравати, управен директор и втор човек во Светската банка.

На средбата стана збор за соработката на Владата на Република Македонија и Светската банка во повеќе реформски области.

Претседателот на Владата, г-дин Груевски ја информираше својата соговорничка за реформите што се спроведуваат во даночната сфера, подобрувањето на деловната клима, образованието, како и привлекувањето на странски инвестиции.

Од страна на г-ѓа Индравати беше изразено задоволство од досегашната соработка на Светската банка со Република Македонија, при што беше потенцирана нивната подготвеност за продолжување на поддршката на развојните политики и реформи, особено во сферите на инфраструктурата, енергетиката и земјоделството.

На средбата двајцата соговорници разговараа и за предизвиците кои што доаѓаат од европската должничка криза, и во тој контекст за мерките и политиките што ги превзема Владата на Република Македонија за поддршка на македонската економија во овие околности.