„Дигитализацијата на јавните услуги е предуслов за транспарентни и одговорни институции и квалитетни јавни услуги што ќе ги задоволат потребите на граѓаните.
Услугите на локално ниво се клучни за унапредување и подобрување на секојдневното функционирање на граѓаните. Од тие причини е важна тесната соработка на централната и на локалната власт“. Ова го порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во воведното обраќање на меѓународната конференција „Партнерство за компетитивен регион“, што се одржува во Дубровник, Хрватска, во организација на Регионалната мрежа за Пријателска бизнис средина во Југоисточна Европа.
Меѓународната и регионалната соработка, во сите области, а особено во делот на дигитална трансформација на општеството е од големо значење, затоа што сите ние треба да работиме на промена на свеста, со цел да создадеме ефикасни и продуктивни општества.
„Примарната цел на децентрализацијата и пренесување на голем дел од надлежностите од централно на локално ниво е да се подобри секојдневното живеење на граѓаните. Да се унапредат услугите во детската заштита, во образованието, во урбанизмот, комуналните услуги и низа други области за кои се надлежни општините. Обврска на градоначалниците, но и на сите вработени во јавниот сектор е да бидат креативни и користејќи ја дигиталната технологија да се трудат да ги подобрат услугите за граѓаните“, нагласи Грковска и во тој контекст додаде дека, меѓународната соработка и размената на искуства се клучни за побрз и поефикасен напредок.
Вицепремиерката Грковска оцени дека е важна тесната соработка и со бизнис секторот кој исто така е важен чинител во развојот и напредокот на секое општество. Затоа, додаде таа, неопходен е координиран и усогласен пристап на сите нивоа.
„За таа цел неодамна го формиравме Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, во кој, покрај министрите за информатичко општество и администрација, за внатрешни работи, за финансии и за одбрана, вклучени се и претставници од стопанските комора и од единиците на локалната самоуправа. Дигиталната трансформација не е политички процес и не е поврзан само со една политичка гарнитура, туку тоа е општествен процес и затоа во овој Национален совет вклучена е и опозицијата. Само на овој начин, преку тесна соработка и консултација со сите чинители можен е прогрес“, рече Грковска.
Во своето обраќање, вицепремиерката Грковска се осврна и на потребата да се изгради доверба од страна на граѓаните кон институциите, кои мора да бидат сигурни дека нивните податоци ќе бидат заштитени, дека нема да бидат злоупотребувани и дека нема да им се наруши приватноста.
„Затоа, секоја држава паралелно со процесот на дигитална трансформација на општеството мора да работи и на сајбер безбедноста и сајбер отпорноста. Тоа особено го налагаат и последните геополитички активности, агресијата врз Украина ја подигна потребата за заеднички активности и акции во областа на сајбер безбедноста и заштита на дигиталните податоци“, додаде Грковска.
На меѓународната конференција учествуваа градоначалници, политички и деловни лидери од шесте земји на Западен Балкан и Хрватска, како и претставници од организацијата Меѓународни финансиски институции (IFIs), ЕУ и донаторски организации, со цел да се споделат искуства поврзани со најдобри практики во областа на иновациите, дигитализацијата, циркуларната економија, недвижностите, даночната политика и деловниот процес на сертификација во регионот на ЈИЕ.