Грковска - Јовановиќ: Дигитализацијата е значаен процес во сите земји од регионот, неопходна е меѓусебна соработка и размена на искуства

Во рамките на Меѓународната конференција „Партнерство за конкурентен регион“, што се одржува во Дубровник, Хрватска, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, имаше средба со Михајло Јовановиќ, директор на Канцеларијата за информатички технологии и електронска администрација (Е-Управа) на Владата на Република Србија.

На состанокот вицепремиерката Грковска го потенцираше значењето од дигитална трансформација на општеството, кое е предуслов за брзи и квалитетни услуги за граѓаните, но и нејзината важност како алатка за ефикасни антикорупциски политики.
 
„Станува збор за процес кон кој се насочени сите земји во регионот и во светот и од тој аспект во заеднички интерес е да има меѓусебна соработка и размена на позитивните искуства“, оцени Грковска.
 
Двајцата соговорници разговараа за воведувањето на електронска лична карта, што, како што оценија, е најважниот чекор за успешна дигитална трансформација на општеството.
 
Вицепремиерката Грковска информираше дека Владата на Северна Македонија, со поддршка на естонскиот Центар за меѓународна соработка и САД, работи на воведување на електронска лична карта и на нов закон за архивска дејност.
 
Директорот Јовановиќ нагласи дека Србија веќе вовела електронска лична карта, но и за други дигитални решенија, како и дека во моментов работат на нов закон за електронска управа.
 
Вицепремиерката Грковска информираше дека, со цел да има координиран и инклузивен пристап, на нејзина иницијатива е формиран Национален совет за дигитална трансформација на општеството, во кој покрај надлежните министри, вклучени се и претставници од стопанските комори, локалната самоуправа, како и од опозицијата, со цел да се обезбеди одржливост и континуитет на целиот процес.  

На крајот на средбата беше договорено двете држави да ја продлабочат соработката во однос на дигиталната трансформација на општествата.