Груевски: Сработеното од актуелната Влада во здравството е неспоредливо со времето на СДСМ

Она што го прави оваа Влада за здравството е неспоредливо со она што се работело во минатото од страна на СДСМ, изјави денеска премиерот Никола Груевски во врска со забелешките на опозициската партија дадени во изминатите денови дека со ребалансот на Буџетот се кратат средства од здравството.

-  Вчера имавме критика дека се намалил буџетот за здравството, а забораваат да кажат дека тој е седум милијарди денари повисок од тоа што било во времето на СДСМ. Сепак, секој има право да критикува, но понекогаш луѓето мора да се свртат и да погледнат што оставиле зад себе, колку вложиле во здравството, колку опрема купиле, колку успеале да ги намалат цените на лековите или пак колку изградиле нови објекти како што сега се подготвува нов клинички центар кој ќе биде околу 50 илјади метри квадратни, рече Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната промоција на нови наслови на книги од владиниот проект за превод на 1.000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните универзитети.

Посочи дека сега се вложуваат 100 милиони евра за опрема во здравството и дополнителни 100 милиони евра за реконструкција и реновирање на болниците.

- Неспоредливи се работите, но во една демократија секој може да критикува, а граѓаните се тие што ќе ценат. Тие знаат дека 100 милиони евра колку што се вложуват сега во опрема во здравството не се вложиле вкупно во целиот период од незавиноста и добро знаат дека дополнителни 100 милиони за реконструкција и реновирање на болниците и другите јавни здравствени објекти ито така не се вложиле од независноста до пред две години кога започна овој проект, што во најголем дел треба да приврши во наредната година, истакна премиерот Груевски.

Една од најзначајните придобивки, смета Груевски, е и тоа што во два наврата се намалиле и цените на лековите, еднаш во 2008 година со намалувањето на ДДВ од 18 на 5 проценти и вториот пат пред два месеца со измени на законите.

- Зошто тоа СДСМ не го направи и зошто барем еднаш не дојде до симболично намалување на цените на лековите е прашање што тие треба да се запрашаат, рече Груевски. 

Според него, досегашното инвестирање во здравството не значи дека се уште нема слабости, но, како што потенцира, ќе продолжат да работат и на други проекти кои ќе бидат во насока на подобрување на можностите и квалитетот на здравствената услуга.