Груевски: Новата инвестиција на „Џонсон мети“ силен сигнал до останатите инвеститори

Најновата инвестиција на „Џонсон мети“ во Бунарџик претставува силен сигнал за останатите странски инвеститори кои сакаме да ги привлечеме, оцени денеска премиерот Никола Груевски.

-  Инвестицијата на „Џонсон мети“ во Бунарџик претставува втора по ред инвестиција на една меѓународна компанија. Тоа е голем сигнал за останатите инвеститори затоа што кога еден таков глобален играч се одлучува по втор пат да инвестира по неколку години укажува дека е задоволен од досегашното работење во Македонија, изјави Груевски, одговарајќи на прашања по денешната промоција на нови наслови на книги од владиниот проект за превод на 1.000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните универзитети.

Според премиерот, значајно е и тоа што со вкупно 140 милиони евра инвестирани во Македонија, по завршувањето на оваа инвестиција, „Џонсон мети“ ќе стане најголема гринфилд инвестиција со над 500 вработени и висока технологија.

- Значајно е што инвестираат во висока технологија и што многу наши кадри добиваат дополнителни обуки на таа висока технологија така што покрај „Џонсон контролс“ кој лани дополнително инвестираше во Македонија, ова е втор пат да имаме втора инвестиција во Република Македонија од една меѓународна компанија, нагласи Груевски.